Германскиот фудбалски судија Роберт Хојцер призна дека го наместил исходот на натпреварот и понудил да соработува во истрагата за најголемиот скандал во фудбалот на оваа земја во последните 30 години. “Обвинувањата на моја сметка, што се појавија во јавноста, во суштина се точни”, рече Хојцер во изјавата, што до медиумите ја достави неговиот адвокат. Хојцер во изјавата навел дека во целост ги документирал своите постапки и оти е подготвен на обвинителот и на Германскиот фудбалски сојуз да им каже се што знае за податоците и сите луѓе кои се вмешани во скандалот. Сојузот во саботата соопшти дека се сомнева оти 25-годишниот Хојцер го наместил поразот на Хамбургер во купот, во август минатата година, откако се обложил на таа средба. Тоа беше поведе за опсежна истрага на уште пет средби, од кои Хојцер судел четири. Ова е втор скандал во германскиот фудбал со наместени резултати. Првиот се случи во 1971 години, кога беа казнети 53 играчи, двајца тренери, шест судии и клубовите Арминија (Б) и Кикерс Офенбах.