Министерството за одбрана на Азербејџан денеска извести за нови судири и континуирани тензии во правецот Товуз на границата меѓу Азербејџан иЕрменија, пренесува ТАСС.

„Од утрово, единиците на вооружените сили на Ерменија повторно се обидоа да ги нападнат позициите на азербејџанската армија во делот на границата на Азербејџан и Ерменија во областа Товуз“, се вели во соопштението.

Според агенцијата, селата Агдам, Дондар Гушчу и Вахидли биле гранатирани од минофрлачи со голем калибар, но за среќа нема цивилни жртви.

„Во моментов борбите се водат во таа насока. Борбената ситуација е под контрола на единиците на азербејџанската армија“, се вели во соопштението.

Министерството за одбрана на Ерменија, од своја страна, извести дека азербејџанските единици почнале со гранатирање на селата Ајегепар и Мовсес.

Ситуацијата на границата на Азербејџан и Ерменија ескалираше на 12 јули. Азербејџан извести за обид на единиците на ерменските вооружени сили да ги нападнат позициите на азербејџанската армија со употреба на артилерија, додека Ереван извести дека ситуацијата на границата е влошена по обидот за пробив од страна на Азербејџан.

Баку извести дека во текот на тридневни судири биле убиени 11 азербејџански војници, меѓу кои и генерал-мајор Полад Гашимов. Ереван објави дека загинале четворица ерменски војници, а десет се повредени.

Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан околу планинскиот регион Нагорно-Карабах (спорна територија што беше дел од Азербејџан пред распадот на Советскиот Сојуз, но главно е населена со Ерменци) избувна во февруари 1988 година откако автономниот регион Нагорно- Карабах го објави повлекувањето од Азербејџанската Советска Република.

Тензиите во 1992-1994 година експлодираа во голема воена акција за контрола над енклавата и над седум придружни територии откако Азербејџан изгуби контрола над нив.

Разговорите за спогодба за Нагорно-Карабах се водат од 1992 година во форма на т.н. Група Минск на ОБСЕ, предводена од нејзините тројца копретседатели – Русија, Франција и САД.

 

извор: Makfax