ВАРДАР О. – МЗТ СКОПЈЕ 2000 82:63 Сала СРЦ “Кале”. Гледачи 500. Судии: Мицевски и Милоевиќ од Скопје. Резултат по четвртини: 16:21, 15:17, 24:17, 27:8. ВАРДАР О.: Ѓуроски 5, Ѓорѓиевски 3, Соколов 22, Наумовски, Кралевски 9, Грнчаров 13, Мираковски 5, Гоцевски 15, Стојанов, Даскаловски, Аврамовски 10, Батук. МЗТ СКОПЈЕ 2000: Караџовски 6, Пенов, Петровски 3, Миленковиќ, Караколев, Софковски 6, Гаштарски 8, Деспотовиќ 5, Хаџивасилев 15, Николовски, Талевски 15, Књазев 5. Одложениот почеток на мечот за 30 минути, прв од полуфиналето во разигрувањето за титулата, поради дефект на семафорот (не функционираше сирената, н.з.), како да беше најава дека ќе се случи нешто непредвидливо, туѓо за спортот, срамно за учесниците во играта, вклучувајќи ги и службените лица. Се случи еден повеќе од лош ден на судиите, со чудни одлуки на двете страни, до толку да ги иритира актерите на паркетот, што малку недостасуваше да бидеме сведоци на немили сцени. Кулминацијата се случи на 2,13 минути до крајот, при резултат 71:63 за Вардар О., кога, по бројните негодувања на судиските одлуки и досудената техничка грешка на претставникот на клубот Драган Панковски, играчите и стручниот штаб на МЗТ Скопје 2000 се повлекоа во соблекувалната. Речиси цели 20 минути траеја убедувањата, дури и на луѓето од КФМ, кои се најдоа на трибините, да се вратат на теренот и спортски да го завршат мечот. Се вратија, но заминаа навивачите на “штрковите”, зашто нивните миленици не останаа доследни на одлуката за неиграње. Но, доигрувањето беше чиста лакрдија, бидејќи младите играчи на МЗТ Скопје 2000 кои останаа на паркетот бегаа од топката, дозволуваа лесно да примаат кошеви и, на крајот, убедливо се поразени. Посебно тешко севкупната атмосфера ја поднесе, претставникот на МЗТ Скопје 2000, кој, иако беше во службените простории, од здравствени причини, не беше во состојба да го пополни службениот извештај. – Спортските мотиви, победниците да се решаваат на паркет, се единствената причина поради која најверојатно ќе го играме вториот меч со Вардар О. Велиме, најверојатно, бидејќи прво очекуваме жестока реакција на луѓето од КФМ кон оние кои придонесоа за големиот срам. Конечно, треба да се стави крај дека судиите се главни, а не само сервис во кошарката. Она што го демонстрираа во СРЦ “Кале” е причина повеќе за брза реакција, за во иднина да не бидеме сведоци на уште потешки сцени, вели Драган Панковски, генерален секретар, по вчерашниот состанок на луѓето од клубот. (С.Т.) Фото: Д.Андоновски