Здружението на судии утре ќе поднесе уставна тужба до Уставниот суд со која си ги бара назад скратените плати на своите членови со владината уредба. Тужбата, според нив, се базира на прекршеното уставно начело за немешање на извршната власт во независната судска власт.

Владата со уредба им ги намали платите на судиите кои во просек се по околу 1.000 евра без додатоците и за април и мај ги сведе на минималните 14.500 денари месечно.

Во Здружението на судии велат дека поради различните мислења на судиите околу намалувањето на платите, спроведен бил интерен референдум, па мнозинството од судиите од целата држава во своите подружници се изјасниле дека Владата грубо ги прекршила не само Уставот, туку и меѓународните договори за немешање во судската власт и располагањето со нејзиниот буџет дури и во вонредни или во воени услови. На крајот и управниот одбор на Здружението гласало да се поднесе уставна тужба и највисокиот суд да расправа за ова прашање.

Во однос на хуманата димензија и прашањето како судиите ќе придонесат да им се помогне на луѓето кои останаа без работа поради пандемијата на коронавирус, одговор засега од судската власт нема.

Пред да се донесе уредбата за минималец за април и мај за избраните и именуваните функционери, имало дискусија во Владата дека покрај судиите, спорни се и обвинителите, членовите на Антикорупциска комисија и Народниот правобранител, кои се исто така институции со сопствен буџет.

Ова се трите основи со кои владината уредба се оспорува пред Уставниот суд: Членот 2 став 2 од Законот за плати на судиите вели дека платата на судијата не може да биде намалена со закон или со одлука на државен орган, во случајов Владата. Член 8 од Уставот ја гарантира темелната вредност, поделба на власта на судска, законодавна и извршна, а членот 98 ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.

Кратењето на платите на избраните и именуваните лица е дел од владините економски мерки за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19. Како што соопшти Владата кога ја донесе уредбата со законска сила на 11 април, со мерката се опфатени 1.165 функционери и 895 директори, а вкупната заштеда за два месеци ќе биде 240 милиони денари или 3,9 милиони евра.