– Наместо да ја вршат професионално својата работа за која си делат астрономско високи плати од буџетот, Катица Јанева и СЈО цело време работат како приврзоци на аболицираниот Зоран Заев и СДСМ во заштита на нивниот криминал. Јанева и СЈО постојано се обидуваат да измислуваат и создаваат спектакли кои ќе им бидат од корист на фабриките за афери на СДСМ и нивната црна пропаганда, наведува во соопштение ВМРО-ДПМНЕ.

Јанева и СЈО, истакнува ВМРО-ДПМНЕ, се срам за правосудниот систем. СЈО, стои во соопштението, се заортачи со аболицираниот криминалец Зоран Заев и работи по негов диктат, притиска судии да ги вршат валканите нарачки на СДСМ, а без да ги види доказите на слобода пушта криминалци како Верушевски кои и нанеле огромна штета на Македонија и македонските граѓани.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека на судиите кои работат по закон, а не по диктат на Заев и СЈО за изигрување на правдата, им виси закана од генерален реизбор која им ја упатил Заев.

– Јанева се придружи со манипулативните јавни прозивки обидувајќи се да го засили притисокот врз судиите да ги исполнуваат нарачките од СДСМ.Јанева и СЈО без трошка срам застанаа на страна на криминалот и го аболицираа по втор пат криминалецот Зоран Заев. ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува судиите да не подлегнуваат на притисоците кои се резултат на фрустрации. Со повлекувањето на предметот „Пуч” и аболицијата на криминалецот Заев, Катица Јанева ја поништи и основната причина за постоењето на СЈО, наведува ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.