Кенгурите можат да научат да комуницираат со луѓето на сличен начин како што тоа го прават припитомените кучиња, со упорен поглед во одредена насока барајќи помош или укажувајќи на своите потреби, покажа австралиското истражување.

Во студијата учествувале 11 кенгури кои живееле во заробеништво, но не биле припитомени.

Десет од 11-те торбари упорно и напнато гледаа во истражувачите кога не успеаја да ја отворат кутијата со храна, се вели во извештајот.

Деветмина од нив наизменично гледаа во истражувачот и во садот за храна, обидувајќи се да посочат што очекуваат.

„Ние го толкувавме нивниот гест како намерна форма на комуникација, нивно барање за помош“, изјави за „Ројтерс“ Алан Мекелигот, ирски истражувач кој ја водеше студијата.

„Вие навистина не очекувате такво однесување од дивиот свет и затоа ова беше ново изненадувачко откритие за нас“, рече тој.

Откритието го оспорува досега вообичаеното верување дека само домашните животни како кучиња, коњи или кози се во можност да комуницираат со луѓе и укажува дека многу повеќе животни би можеле да разберат како да им пренесат порака на луѓето, се вели во документот.

„Претпоставувавме дека само домашните животни бараат помош кога сакаат да посочат проблем, но се чини дека овие торбари го прават истото“, заклучи една од учесничките во студијата, Александра Грин од Универзитетот во Сиднеј.

извор: Makfax