Новиот Концепт за основно образование кој го промовираше министерката за образование и наука, Мила Царовска според кој некои предмети се групираат во еден и нема да постојат како засебни наиде на негативни реакции кај студентите на Институтот за историја кои не само што се противат на ваквиот пристап, туку имаат и голем број прашања.

Историчарот Васко Гичевски вели дека ова е направено без никаква анализа, а ниту логика и потенцира дека во ваков процес мора да бидат вклучени сите засегнати, а не само одбрани лица. Воедно тој бара веднаш да се прекине со оваа иницијатива бидејќи има премногу спорни елементи кои не смеат да влезат во финална фаза.

Ставот на Гичевски, за кој вели дека има поддршка и од неговите колеги ви го пренесуваме во целост.

Ставот го пренесуваме во целост:

„1.Во однос на „Концепцијата за ново основно образование“ ни фалат минимум две работи, за да знаеме и воопшто за што зборуваме:

– Кои личности се дел од овој процес (презентацијата ја направија Виолета Бешка, Зекирија Хасипи и Митко Чешларов)

– Недостасува детален елаборат каде издржано ќе се изнесат сите аргументи на креаторите. Сходно потоа ние засегнатите од тоа решение ќе ги разгледаме, и според научните принципи ќе ги отфрлиме или ќе ги прифатиме

2. Во соопштението се изнесува дека со оваа Концепција нашето образование ќе биде во чекор со образованието во Словенија Естонија и Финска. Ние и предходно бевме во чекор со Кембриџ образованието, ама не она во Англија туку она во Гана и Индија. Сакале ние или не, моделот на образование е општествено стереотипен (еден модел на образование функционира само во едно општество), односно образовниот модел е дефиниран од целокупната производно економска опстојност на едно општество. За да замените модел на образование, треба да ги промените коренито општествено економските и производните сили, кое тоа образование ги опслужува и обратно силите кои на тоа образование му овозможуват материјален простор за функционирање.

Ние што направивме? Ние влегуваме „мешеечки“ во се ова, го воведуваме само колку да кажеме дека имаме современо образование, без никаква анализа и никаква логика и секогаш потоа излегуваме „грбачки“ со тешки образовни недостатоци и деформитети!

3. Апелирам иако можеби без ефект, да не си ги повторуваме низата неуспешни педагошки експерименти, кои ги има безмалку, колку што сме имале влади до сега. Да не се оди со слепо копирање на образовни модели и решенија, кои кај нас практично ќе имаат нула употребна вредност. Доколку мотивот е глупаво да ископираме и преведеме некој учебник и да склопиме програма која ќе ја предава несоодветен кадар, и се тоа да го наречеме образование, по еди кој си терк, тогаш горко и тешко на нас а богами и на оној на кого се повикуваме. Треба повторно да доживееме да се оградат од нашето образование како што Кембриџ се огради од нашето „Кембриџ образование“?

4. Ја истакнувам важноста на тоа се ова да е отворена постапка, каде ќе учествуваат сите засегнати во процесот а не само неколкумина одбрани. Тие одбрани, многу често се нессодветни лица, кои единствено знаат добро да слугуваат и да изиграваат интелектуален декор на било кое решение, ако предходно добијат определени финансии, покачувања на плати, проекти итн. Патем и ова Концепција ќе чини веројатно прилично многу, а доколку се дозволи таа да се наметне, тогаш ќе имаме и многу тешки образовни последици. Од она што го видовме од презентацијата, таму има немалку спорни елементи кои никако не смее да се дозволи да преминат во финална фаза!

5. Од тука, ги повикувам сите колеги, сите засегнати во овој процес, да излезат и јавно со свои лични и колективни ставови, да се спротиставиме кон ваквото брзоплето носење на разни концепции. Дрско и безобзирно да се исечат во корен сите вакви несоодветни иницијативи, кои се спроведуваат од малкумина луѓе! Јас сесрдно се залагам за подобрено образование за што има и начини и методи, ама предложената концепција изведена на ваков начин, со ваква нетранспарентност, не може и не смее да се прифати. Јас во лично име со индигнација ја отфрлам целокупната досегашна работа на содветната работна група поради предходно наведените пречини! Повикувам кон ова отфрлањето на оваа нетранспарентна концепција, да се приклучат сите здраворазумни и одговорни чинители на нашите засегнати професии. Поддршка од партиски полтрони кои ги наполнија школите, од директорите на тие партиски установи, како и од неофицијално невладините а дефакто владините организации не ни е потребна. Интелектуалната камарила која поддржува се владино и се што им носи бенефит, која е стручна за се, а за ништо подетално, барем сега во услови кога постојат илјадници стручни кадри, за момент треба да занеме! Секако и да зборуваат, јас како дипломиран историчар а верувам и колегите нема да го прифатиме нивното мислење и нема воопшто да биде валоризирано, доколку тоа навлегува во нашите зони на стручно делување“, стои во ставот на Гичевски.