Студентите ја “зајакнуваат” крвната слика за крводарувањето
Заклучно со 11-ти месец, Републичкиот завод за трансфузиологија има 350 крводарувања повеќе од претходната година. До крајот на годинава се очекува да бидат собрани вкупно 19.300 единици крв што е за 400 единици повеќе од лани. Порастот на крводарувањето, според директорот д-р Кочо Димитровски, е најголемо во Скопје и тоа се должи во најголем дел на порастот на крводарителството на Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” и организираните кампањи за посебни целни групи. Годинава во Скопје имаше 7.000 крводарувања, додека, на пример, во 2004 година – 4.755. Според Димитровски крводарителството во Македонија останува на досегашните базични принципи на доброволност, бесплатност, анонимност и солидарност.
“Нашите крводарители се меѓу најсигурните во Еворпа и имаме исклучително низок процент на болести преносливи со крв”, објаснува тој. Порастот во последниве две години, како што вели Димитровски има континуитет на зголемување од два отсто. Македонија во основа ги задоволува во целост потребите од крв, а единствени критични се летниот период и Новогодишните празници. Републичкиот завод за трансфузиологија до Фондот за здравствено осигурување има доставено предлог за утврдување на единствена референтна цена на манипулативните трошоци за крвта во Македонија, а мерките за одржување и развој на крводарителството се интензивираат. И покрај заканите како што се несоодветниот однос на општеството кон крводарителите, економските состојби на населението, миграцијата во странство, намалените бенефиции, како несоодветното финансирање, во крводарителството нема значителни потреси од транзиционите премрежија. Во фунцкција на унапредувањето на крводарителството, се и проектите за “поддршка на Секторот за трансфузија” што се реализира со помош од француската влада во период од три години за да се обезбеди подобар квалитет на крвните продукти и поголема безбедност во трансфузионата медицина, како и проектот “Сигурност на крвта и зголемување на регионалната самодоволност со сигурна крв” што се одвива под патронат на СЗО и Пактот за стабилност.(Р.Н.)