Почна да се готви новата цена на електричната енергија кои граѓаните треба да ја плаќаат за период од една година, почнувајќи од први јули 2016 до први јули 2017 година.

Експертите очекуваат дека пресметките ќе ги израдуваат потрошувачите во Македонија, бидејќи неофицијално се навестува намалување на цената на електричната енергија од 10 до 30%.

Причината лежи и во намалувањето на цената на струјата на Берзите во регионот. Така на Унгарската и Бугарската берза на струја просечната цена се движи од 25 до 30 евра за мегават-час

Истовремено енергетските компании на ЕЛЕМ, ЕВН, МЕПСО и ТЕЦ Неготино ги доставија извештаите за трошоците на нивното работење, по кои Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) според утврдена методологија ги изготвува новите цени на електричната енергија што ќе се применуваат од први јули годинава.

Се работи за барања кое тие имаат обврска да го достават до 30 мај и е наменето за одредување на регулиран максимален приход и регулирана просечна тарифа за вршење на регулирана дејност за дистрибуција на електрична енергија

За потсетување, пред една година цената на електричната енергија со одлука на РКЕ беше намалена за 0,33%, што само се потврди дека секоја пресметка не значи и корекција по нагорна линија на цената на струјата. Актуелната цена на електричната енергија во земјава од јули 2015 година изнесува 4,45 денари за киловат-час, така што од вкупната цена на електричната енергија што ја плаќаат потрошувачите 50,6 отсто се одвојуваат за ЕЛЕМ, 5,24 отсто за МЕПСО, а 44,16 за ЕВН.

Годинава правните и физичките лица можеа на официјалниот сајт на РКЕ да ги видат јавно барањата на компаниите и до 13 јуни годинава до нив да достават мислења и предлози. Токму нивните мислења можат да придонесат во намалување на цената на струјата.

Според последните анализи на европските статистичари просечната цена на струјата во земјите од ЕУ изнесува 18,4 евра за 100 киловат-часови.

(В.Ма.)