x

Стручен коментар – Ѓоре Јовановски: Сето ова е одлична подготовка за дуелот со Косово!

gjore-koki-1111-1

Ѓоре Јовановски, еден од нашите најпознати и најдобри тренери, екс селектор, специјално за СПОРТМЕДИА од стручен агол ја искоментира средбата во Тбилиси, на која Македонија одигра 1:1 против Грузија и освои значаен бод во битката за првото место во Ц – Лигата на Нации во втората група.

“Како прво, познато е едно старо фудбалско правило. Кога не можеш еден натпревар да го добиеш, најважно е да не го загубиш. А нашите амбиции за победа на овој меч ги оневозможи судијата во 66.минута кога непотребно му покажа црвен картон на Висар Муслиу. Тука тој не пресече, потоа требаше да се браниме и се одбранивме. Инаку јас сум задоволен од тоа што го видов на првите два меча од оваа селекција на Македонија во Лигата на Нации. Освоени се четири бодови, па така Косово сега го чекаме одлично психолошки подготвени. Сите сме свесни дека вакви резултати се одлична подготовка за она вистинското, за тој историски дуел во октомври. Сега со мислите сме само кон Косово.“

„Се разбира дека имаше и добри и лоши моменти вечерва во Тбилиси. Добрите се видоа, не треба премногу да ги коментирам, додека лошите се тоа што убаво се виде дека не сме доволно физички подготвени, и тоа поради долгата пауза поради пандемијата со Ковид -19, а се играше и на тежок терен и затоа требаше уште повеќе сила да се даде. Јас искрено се радувам кога гледам како сите играат за својата репрезентација,сите од ред, а посебно еден Пандев со 37 години, или Стефан Ристовски кој со стомачен вирус одново го даде својот максимум. Забележливо е тоа што, за разлика од минатото, селекторот Ангеловски веќе втора средба по ред форсира формација 4-2-3-1, место неговата омилена 3-5-2. Секако дека тоа е негов избор, а познато е дека јас не робувам и не сакам премногу да се замарам со било какви тактички поставки. Јасно е дека треба тактика, формација, но според мене многу поважна е интелегенцијата на самиот играч, а ние имаме и тоа како интелегентни играчи кои можат да се прилагодат на секоја формација. На крајот честитки за сите во репрезентацијата, а сега на ред е Косово. До тогаш уверен сум дека ќе бидеме физички поподготвени, играчите ќе имаат повеќе натпревари во своите нозе. Јас сум оптимист“, истакна Јовановски.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата