Струмичка фиеста за победничко шампањско
Градот Струмица и вредните организатори од КК Струмица, 2005 првпат во својата историја ги пречекуваат најдобрите екипи во најмасовното, клупско, натпреварување (13-16 апил). И првпат годинава, по европски урнек, дури осум машки екипи (до лани четири) ќе играат за преодниот пехар на “Вечер” и трајниот на Кошаркарската федерација на Македонија, додека пак четирите женски тимови ќе се борат за пехарот на КФМ.
Кошаркарското срце за трофеи почна да чука со забрзано темпо, актерите се свесни дека доцнењето не е препорачливо оти секој задоцнет шут, чекор повеќе, по звукот на сирената, ќе значи и збогување на желбите да се стигне до победничкиот пиедестал, да испие победничкото шампањско. Простор за комотност, малодушност нема, забошотувањето е исклучено од причина што на вакви нокаут натпревари нема поправен испит. Тоа сигурно го знаат љубителите на кошарката, не само од Струмица, туку и од целата земја, кои ветуваат дека до последно место ќе ги исполнат трибините во салата “Парк” и со своето однесување, спортско навивање ќе придонесат да бидеме сведоци на вистински празник на кошарката. Струмичката фиеста за победничките шамапањска, во двете конкуренции, може да почне. Така велат и организаторите.
Мак-баскетот повторно е во центарот на вниманието на македонската, спортска, јавност. Последните успеси на репрезентативниот состав, кој на голема врата се врати во дивизијата “А” и ќе игра во квалификациите за ЕП во Шпанија 2007 година, докажа дека во надигрувањето меѓу двата коша внесуваме малку повеќе неопходна душа. Тоа гледачите сигурно ќе знаат да го ценат.
Велат кошаркарската игра потсетува на фолклорот, балетот, но се разликува од нив, по тоа што музиката по која се игра секој актер ја носи во себе симболизирајќи: Креативност, Оригиналност, Шарм, Атракција, Рационалност, Комуникативност, Ангажираност.
Мажите се вистински мајстори, уривачи на непишаното правило дека домашниот терен носи предност. Во изминатите 13 купови тоа го почувствуваа сите фаворити, дури и најтрофејниот, Ф. Работнички (шестпати беше освојувач на Купот). Дали непријатната традиција за организаторите ќе се повтори и во Струмица или, пак, ќе гледаме фешта на струмички начин, останува да видиме. Дури и една од легендите на струмичката кошарка Никола Николов, сега во најтесното раководство на клубот домаќин, Струмица 2005 јасно порача дека ќе пропее ако треба само пехарот на “Вечер” да остане во неговиот град, првпат. Му се допаѓало некому тоа или не сеедно, познавајќи ги неговите (не)способности за пеење. Во случај гласните жици да се “скинат”, тука е Перо Христов, како прва замена, неодминлив дел на тимот вљубеници во кошаркарската игра. Новата шема во која осум, место четири екипи, ќе играат во завршницата, носи дополнителен напор и дилема колку играчите ќе имаат сили во едно темпо, здив, да одговорат на предизвикот. Во секој случај, вреди да се биде дел од бројните вљубеници во кошаркарската игра, во салата “Парк” и од причина што на едно место ќе се најдат дури седум прволигашки екипи и една второлигашка (ФЕНИ Индустри), која е на добар пат да се врати во старото јато. За разлика од мажите квалитетот кај жените е разводнет. Со исклучок на Кимико, актуелен шампион и освојувач на Купот, единствен кој годинава не претставуваше и на европската сцена, преостанатите три екипи ќе настапат со подмладени состави. Но и тие нудат талент и квалитет кој сигурно нема да остане незабележан. Имаат иднина. И не случајно, по пауза од три години, решија да се вратат во арените каде ќе настапуваат мажите, да докажат дека знаат да играат кошарка и оти неоправдано досега беа во втор план. Затоа вреди да се видат и овие натпревари. И девојките знаат да го прослават освојувањето на Купот со победничкото шампањско.
Домаќини за 625.000 денари Кошаркарскиот клуб Струмица 2005 првпат ја доби организацијата на најмасовното клупско натпреварување бидејќи, на лицитацијата за Купот за преодниот пехар на “Вечер”, во просториите на Кошаркарската федерација на Македонија (15 февруари) понуди најмногу пари – 625.000 денари. Во игра беа уште екипите на Пелистер (понуди 610.000 денари) и заедно тимовите на МЗТ Скопје 2000 и Вардар О (490.000).
Подготви: Славчо ТРОШАНОВСКИ