Струмичани чекор до историскиот успех
Струмичани се на прагот да го прослават најголемиот клупски успех. Против Ф. Работнички, пред своите гледачи, славеа и трета победа во финалната серија и сега им недостасува само уште еден поен шампионскиот пехар да се најде во нивните витрини.
– Во првото полувреме немавме игра, Тасовски ни избега од контрола, со прецизните шутеви му донесе предност на Ф. Работнички. Меѓутоа, во продолжението ја сменивме играта, повеќе игравме под кошевите на високиот Гоцевски, а задачата донекаде ни ја олесни и зонската игра на противникот. Гледано во целина се е добро кога добро ќе заврши, вели тренерот на Струмица 2005, Власос Влаикидис.
Струмичките кошаркари не кријат дека големата поддршка од гледалиштето во преполната сала имало значајно влијание во третиот триумф постигнат по голема борба, во последните четири минути на натпреварот.
– Мечот беше повеќе од тежок. Ф. Работнички одигра добро, неговите играчи беа мотивирани, но на крајот пресуди нашата одлична игра во одбраната, тимскиот дух, кој не красеше и во сите изминати настапи не само во оваа финална серија, туку и во регуларниот дел на лигата. Кога беше најпотребно гледачите знаеја да ме понесат, вели Златко Гоцевски, најдобриот играч на натпреварот, кој единствено ги одигра сите 40 минути и постигна 25 поени, од кои две тројки, а имаше и 10 скокови.
Екипата на Ф. Работнички не само што загуби туку остана и без услугите на бекот Стојановски, кој во 17 минута ја обнови старата повреда на ногата и за него, најверотано, сезоната заврши. Тоа е голем хендикеп за тренерот Јорданчо Давитков кој остана тенок на бековска позиција.
Наредниот, четврти финален натпревар, ќе се одигра в среда во Скопје (19,30 ч), а доколку Ф. Работнички слави победа ќе продолжи неизвесноста, бидејќи за освојување на шампионската титула се потребни четири поени.
(С.Т.)