Струмичани согореа во своето огниште
Кошаркарите на Вардар О го повторија ланскиот успех, стигнаа до големото финале и синоќа во борбата за 14. Куп на Македонија, за преодниот пехар на “Вечер” и трајниот на КФМ играа со актуелниот носител на Купот Ф. Работнички. Интересно е дека двете екипи играа и во ланското финале, во Скопје кога, во драматична завршница, “шпедитерите” победија со 73:71. На патот до финалето вардарци ја минаа најтешката пречка наречена Струмица 2005, која како домаќин на најмасовното клупско натпреварување, ја имаше поддршката од поголемиот дел од гледалиштето, иако и скопјани имаа свои симпатизери. Компактни, рационални во нападот и одбраната вардарци се наметнаа, го “тепаа” противникот на сите позиции. Згора на се беа мудро водени од Марјан Лазовски, кој повеќе од видливо беше дека добро ја анализирал играта на домаќинот на Купот. Струмичанецот Драго Јанков соочен со проблеми, поради болест на повеќе играчи, им остави простор на своите играчи повеќе да солираат. Доста се губеа, грешеа (за тројка имаа реализација 34-5) И тука спас немаше. Честитките за подобриот дојдоа од сите страни. И од објективните струмичани кои направија одлична атмосфера. – Колективната игра не донесе до победата. Не подлегнавме на атмосферата, знаевме да ја контролираме играта и резултатот, вели тренерот на скопјани Марјан Лазовски. Тренерот на Струмица 2005, Драго Јанков го признава поразот: – Согоревме од преголемата желба за победа. Не скина болеста на тројца кошаркари, посебно на Сикирич. Ја предвидов играта на противникот, но немав избор на играчи, згора на се и шутот не не служеше. Заслужено загубивме. Екипата на Ф. Работнички немаше тешка задача, лесно и убедливо славеше против Тоа сум јас. Во сите 40 минути беше подобар, имаше “подолга” клупа, а тоа беше причина повеќе тренерот Јорданчо Давитков да ги чува главните кошаркари, за финалето со вардарци. Кај жените ништо ново. Додека другите ги подмладуваат составите, Кимико сигурно гази до четвртиот куп во низа (синоќа играше во финалето со Изградба комерц Младинец). Настапите на стружанки на меѓународната сцена, поголемото искуство и тоа како доаѓа до израз на домашната сцена. И во куп натпреварите за пехарот на Кошаркарската федерација на Македонија.
Славчо ТРОШАНОВСКИ Фото: Ѓорѓи ЛИЧОСКИ