Стрес тест на стартот
Подобар старт во втората фаза од националното кошаркарско првенство и не можеше да се посака. На две, од одиграните три средби, победникот беше решен во последните секунди. Во Струмица, актуелниот шампион Струмица 2005, иако во третиот период имаше позитива и од 20 кошеви, сепак на крајот остана со празни раце во дуелот со упорните кошаркари на МЗТ Скопје. Мухамед Тачи (27) со последниот свиреж на сирената постигна тројка која беше вовед во големата радост на скопјани. Импресивни во финишот беа уште Живковиќ (21), Хил (21) и Агоч (18).
– Задоволен сум од прикажаната игра секако и од резултатот. Овој успех за нас ќе биде дополнителен мотив за наредните настапи, вели тренерот на МЗТ Скопје Марјан Лазовски за кога ова е петта последователна победа над струмичани, откако ланската сезона ја заврши со 3 победи како тренер на Вардар О, а славеше и во есенскиот дел кога седна на клупата на “штрковите”.
Четворица играчи на Струмица 2005 имаа двоцифрен учинок: Латовиќ (29), Поповиќ 18), Тасевски (14) и Богоев ( 12).
Во Градското дерби Ф. Работнички славеше против Вардар О., иако и вардарци можеа да се радуваат. Натпреварот имаше доста турбуленции, резултатски, а дополнително температурата се зголеми во последните секунди.
– Немавме среќа, промашувањето на Блажевски ни ја скуси радоста. На крајот кога се ќе се собере победи посреќниот, вели тренерот на Вардар О Тихо Матевски.
Марин Докузовски е задоволен од победата, но не и од играта на своите играчи.
– Со нашите грешки му овозможивме на противникот да дојде во ситуација во која можеше и да победи. Но, треба да се има предвид дека годинава правиме екипа каде младите добиваат шанса, оттаму и грешките се составен дел на играта, вели тренерот на шпедитерите.
Кај вардарци најефикасни беа Митиќ (20), Совковски (17) и Блажевски (16), а кај Ф. Работнички 9 Мираковски (25) и Зивчевиќ (13).
Лидерот по првата фаза на лигата Фени Индустри имаше повеќе од лесна задача против анемичниот Карпош Соколи 2000. Сите пријавени играчи на Фени Индустри се запишаа во листата на стрелците, а најмногу профитираше Кол (26), додека кај Карпош Соколи 2000 Георгиевски (21). Интересно е дека домаќините во последниот период постигнаа само четири поени, сите од линијата за слободни фрлања.
– Нема што повеќе да се каже за натпревар во кој немаше вистинска игра. Резултатот зборува се, вели тренерот на кавадарчани Емил Рајковиќ.
Прва кошаркарска лига
Резултати: Карпош Соколи 2000 – Фени Индустри 58:126 (18:34, 15:28, 21:32, 4:32), Струмица 2005 – МЗТ Скопје 95:98 ( 26:25, 33:25, 21:24, 15:24), Цардар О – Ф. Работнички 80:83 ( 17:22, 24:18, 24:27, 15:16). Средбата С. Пелистер – Амак СП се играше синоќа.
ТАБЕЛА
1. Фени Индустри 17 15 2 1467:1148 32
2. Струмица 2005 17 13 4 1522:1243 30
3. Ф Работнички 17 11 6 1279:1131 28
4. С. Пелистер 16 10 6 1379:1284 26
5. Амак СП 16 9 7 1311:1164 25
6. МЗТ Скопје 17 8 9 1454:1423 25
7. Вардар О 17 7 10 1369:1381 24
8. К Соколи (-1) 17 2 15 1045:1579 18
Идно коло: Фени Индустри – МЗТ Скопје, Карпош Соколи 2000 – Вардар О., Амак СП – Струмица 2005, Ф. Работнички – С. Пелистер.
Славчо ТРОШАНОВСКИ
Славе ТАСЕВСКИ
Фото: Д. Андоновски