Семинарот за изучување на македонскиот изворен мелос – изворните инструменти и песни наредните пет дена ќе се одржува во Прилеп во рамки на фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски”

За учество на семинарот се пријавени над 20 учесници од Русија, Србија и од Македонија.

Уметничкиот директор на Фестивалот Родна Величковска изјави дека Фестивалот „Пеце Атанасовски” ја обновил практиката да спроведе семинар за изучување на македонскиот изворен мелос.

“Овој семинар е единствен од ваков вид и е уште позначаен во тој поглед за зачувување на богатата македонска изворна фолклорна традиција. Пристигнаа гостите од Русија и од Банат, Србија. Од Русија голем интерес за македонското изворно пеење покажа групата „Војла” од Вороњеж. Првпат се во Македонија и се импресионирани и возбудени што ќе го изучуваат македонскиот фолклор. Деновиве ќе го изучуваат македонското традиционално пеење, а ќе настапат и на Фестивалот. Водач на групата е универзитетскиот професор Галина Сисоева”, вели директор на Фестивалот Родна Величковска.

Учесници има и од Качарево, Војводина, Србија. Професорот Галина Сисоева од државниот универзитет во Вороњеж, Русија, пак, е водач на групата „Волја” кои деновиве ќе го изучуваат македонското традиционално пеење.

“Одушевени сме зашто македонското и српското традиционално пеење е попевливо, помелодично и сакаме да го изучиме. На Универзитетот во Вороњеж има посебен предмет за студентите и ова е голема можност да се запознаеме со македонската традиционална музика. Во Русија има многу фестивали, но поретки се тие што се занимаваат исклучиво со изворната музика, како што е овој фестивал во Македонија. На публиката ќе и се претставиме и со руската традиционална музика”, рече Галина Сисоева.

Професорот д-р Илчо Јованов, претседател на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски”, воедно и предавач на семинарот, истакна дека со ова изучување на инструментите и песните, се исполнува мисијата за зачувување и негување на богатиот македонски изворен фолклор.

“Се исполнува мисијата која ја воспостави Пеце Атанасовски. Семинарот посебно ги пренесува тајните и спецификите на македонското изворно пеење и свирење. Лани гајдата на Пеце Атанасовски како специјална награда ја понесе учесникот од Грција кој со години ги слушал на касета песните на Пеце Атанасовски, па на семинарот научи да свири на гајда. Се надевам и сегашните учесници од Русија и Србија ќе ги понесат тајните на македонскиот мелос за да го претстават во својата земја”, истакна Јованов.

Учесниците на семинарот ќе работат во ученичкиот и студентски дом „Орде Чопела”, а в петок и сабота ќе настапат на двата фестивалски дена во Прилеп и на Рудина кај Долнени, заедно со околу 300 учесници од цела Македонија.