“Странците” вложија само 43 милиони долари
Македонија и годинава не може да се пофали со странски инвестиции. Во првите четири месеци од годинава, според последните официјални податоци на НБРМ, светските компании во земјава вложиле само 43,7 милиони долари. Доколку ваквиот тренд продолжи, 2005 година, велат аналитичарите, нема да ја завршиме ништо подобро од лани кога во земјава на име на директни странски инвестиции влегле само 155,8 милиони долари, со што државава се покажа како понепривлечна дестинација за инвестирање дури и од Албанија и Босна и Херцеговина. Вака лошиот старт веројатно бил причина што Владата реши да посегне по непосредните спогодби, како начин на кој ќе се привлечат реномирани странски компании да инвестираат во земјава. Во владиниот кабинет се оптимисти дека до крајот на годинава ќе дојде до пресвртница со оглед дека се поизвесно е инвестирањето на неколку светски брендови, какви што се Лукоил, Сименс, Енерготуш и Турбоинститут, кои се очекува во наредниве месеци да вложат најмалку 250 милиони евра.
Според официјалните податоци најрасположени да инвестираат во Македонија во првиот квартал од годинава биле Русите кои вложиле 15 милиони евра, а таа бројка се очекува значајно да се зголеми по изградбата на бензинските пумпи на Лукоил. На второ место биле Сент Винсент и Гренадини, познати по голем број даночни и царински ослободувања и затоа се мека за оф шор компании, со инвестирани 7,3 милиони евра. Следува Бугарија со 3,6 милиони евра и Швајцарија со 1,5 милион евра. Словенија за првите четири месеци вложила во Македонија 1,4 милион евра, но овој износ во наредниот период се очекува значително да се зголеми бидејќи Турбоинститут треба да гради 20 мини хидроелектрани и така да инвестира 100 милиони евра, додека Енерготуш според најавите ќе гради 23 супермаркети со бензински пумпи и ќе вложи 61 милион евра.
Македонија се уште ризична за инвестиции
Македонија според анализата на еминентната меѓународна групација “Контрол риск”, чии мислења се важен фактор во светот на бизнисот е се уште во групата на ризични земји за инвестирање и водење бизнис. Заедно со Македонија, се земји како БиХ, Албанија, Србија, Молдавија, но и Пакистан и Либан. Северозападниот дел на земјата влезе во групата на држави со висок безбедносен ризик, заедно со Авганистан, Ирак, Бурунди, Руанда, Зимбабве, Косово и уште десетина други. Остатокот од земјава, значи Централна и Источна Македонија е во групата со среден безбедносен и политички ризик.
Весна М. БОЖИНОВСКА