Веќе еден месец наназад, три странски инвеститорски фонда ја “тресат” Македонската берза за хартии од вредност. Станува збор за три инвестициски фонда од Хрватска и од Словенија (меѓу нив е “Покојнинска дружба” што претендираше за вториот пензиски столб), кои масовно ги купуваат акциите најдобро котираните компании од земјата, од каде очекуваат големи профити и заработувачки при препродажбата на акциите. Според првичните берзански сознанија, половина од прометот кој е направен на македонскиот пазар на капитал во текот на јануари се должи од купувањата на акции од т,н. институционалните инвеститори, односно фондовите при што само еден фонд во јануари донесе еден милион евра. Причината за ваквиот екстремен интерес за неколку топ македонски компании како “Топлификација”, “Алкалоид”,”Скопски пазар”, “Македонија турист,” “Витаминка”, но првенствено успешните македонски банки како Комерцијална и Стопанска банка Битола, се евтините акции и големите добивки кои се остваруваат од нивните препродажби, односно нето-профитот од акција. Овие податоци се потврдуваат и преку евиденцијата на Централниот депозитар за хартии од вредност, односно според последните јануарски податоци, учеството на странски инвеститори во котираните компании на Берзата е 12 отсто, а кај обврзниците 9 отсто. Словенечките инвеститори веќе влегоа во една од најдобрите котирани компании “Топлификација”, со 18 отсто од сопственоста, а според некои сознанија имаат амбиции пакетот акции да го качат на 20 отсто. Ваквите странски инвестиции преку Берзата, за еден месец, откако е воведен новиот берзански индекс го зголемија индексот за цели 12 проценти. Паралелно со странското навлегување во капиталот на македонските фирми, се случува и засилена консолидација (окрупнување) на сопственоста во неколку големи македонски фирми, при што дневно се купуваат по неколку илјади акции од постојните акционери. Таков е случајот со скопски “Алкалоид”, со “Гранит”, “Макпетрол”, но и Комерцијална банка што значи дека или по годишните пресметки тие очекуваат големи профити, или се подготвуваат за продавање на фирмите на странски инвеститори.


Виолета ЦВЕТКОВСКА