Директорката на ЕАВЕ Кристина Трап за ВЕЧЕР открива дека поради работилницата што се одржува во Скопје веќе има заинтересиран продуцент за копродукција со Македонија.

Можам да кажам дека се работи за италијански проект и би сакала да ги запознаам со Лабина Митевска, за која мислам дека би била совршена актерка за нив, а таа е и наш национален претставник за ЕАВЕ. Значи, веќе се случуваат конкретни соработки и тоа е најдоброто што може да се случи, ни вели Кристина.

Таа коментира дека е задоволна од одѕивот на филмските работници од Македонија.

Овде имате еден дримтим од Агенцијата за филм на кој може да се потпреме и одлично организираа се. Имаме голема поддршка и од локални професионалци и тоа е многу важно за нас, бидејќи сакаме да оствариме контакти, да откриваме таленти и да ги поканиме македонските професионалци да аплицираат за нашите програми и чекаме да видиме кој може да дојде. Позитивно сум изненадена и од позитивната и силна поддршка од министерката за култура која не посети, одржа и говор. Дарко Башески ги презентираше можностите за копродукција и олеснувањата кои Македонија ги нуди. Среќна сум што можам да кажам дека гледам дека се развиваат контакти меѓу странските партиципанти и македонските филмски професионалци и тоа е многу важно, вели Кристина.

Таа раскажува и зошто одлучиле да ја организираат работилницата во Македонија.

Со Дарко Башески имаме партнерство и соработка веќе многу години, а започнавме да разговараме за идејата за доаѓање со голема работилница во Македонија уште во 2010 година. Тоа е приказна која траеше, а во меѓувреме организиравме „ЕАВЕ он деманд” работилници, а минатата година стана поголема, односно регионална, каде беа претставени проекти од регионот, вели Кристина.

Според неа, она што Македонија ја разликува од другите земји во регионот е стабилноста во однос на филмската политика и добро поставените закони.

Ова е еден од ретките фондови кои ја зголемуваат поддршката за копродукција и имаат добра стратегија како да се поддржи и развие соработката на локалните филмски работници со странски партнери. Тука е и можноста за поврат на средства и така натаму, што за регионот, па дури и за Европа е реткост. Дарко Башески навистина ја постави Македонија на мапата и тоа е голем подвиг. Кога сега ќе се спомене Македонија, странските продуценти гледаат сигурност и стабилност, изјавува Трап.

Во Скопје, како финансиски експерт е и Титус Крејенберг, кој продуцира филмови од кои дел се прикажуваат во Кан, Берлин…. Тој се среќава со ЕАВЕ учесниците и разговараат за нивните финансиски стратегии и ги советува каде имаат силни а каде слаби точки, каде можат да го сменат пристапот и така натаму.

Работев и на избраните проекти со македонските продуценти и режисери, го читавме сценариото, финансискиот план, материјалите, и пробувавме да разговараме за различни аспекти од секој проект. Го коментираме сценариото, ги бараме слабостите… На ваквите средби често сме првите интернационални читачи на сценариото и тоа може да биде од помош, не само на македонските продуценти, ако чујат мислење од човек што не е од истата земја, во смисла на тоа што гледачите од друга земја може да разберат а што не, и да се соочат со можните недоследности пред да започне снимањето. Во основа, пробуваме да го направиме проектот подобар, од интернационална гледна точка, ни рече Титус.

ЕАВЕ работилницата е една од трите кои на годишно ниво ги организира ЕАВЕ, а во Скопје дојдоа над 20 филмски експерти од релевантни институции, како Еуримаж, Креативна Европа, од неколку европски филмски центри, односно 48 учесници и продуценти од триесетина земји, меѓу кои Бразил, Аргентина, Сингапур и од речиси цела Европа. (Де.Т.) ФОТО: Н. БАТЕВ

Странски продуценти заинтересирани за снимање со Македонија

Естонската продуцентка Риина Силдос е еден од експертите кои во Скопје работат со учесниците од од Словенија, Србија, Данска, Финска, Германија, Шведска…

Многу е добро да се биде овде бидејќи продуценти од различни земји може да се запознаат со конкретната ситуација. Овие продуценти не патуваат често во Македонија и често не ги знаат можностите ниту имаат контакти. А Македонија е многу добра земја за копродукции и поради тоа што имате многу добри локации за снимање. На пример, некогаш е скапо да се снима во Шпанија, или на големи територии, а овде има бесплатни локации. И политиката на Филмскиот фонд е да поддржува и ко-продукции. Сето тоа е атрактивно за луѓето што дојдоа со проекти овде во Скопје. Барем во мојата група има двајца што се заинтересирани да копродуцираат со Македонија. И тоа значи дека се запознаваат со македонски продуценти, и ако тие сакаат да ко-продуцираат со тие проекти, веќе имаат контакт, и се оди полесно. Ова е најдобар начин странски продуценти да дознаат како да ко-продуцираат со Македонија, вели Риина.

Таа коментира дека и цените за локалните екипи се разумни, во споредба со други европски земји, и тоа дополнително ја прави земјата атрактивна.

Овде законите се многу чисти па Македонија е една од најдобрите земји за копродукција бидејќи системот е чист а имате и закон за поврат на средства. Јас секогаш ја промовирам земјата, им кажувам на моите колеги дека дефинитивно треба да дојдат овде. Исто Македонија е интересна и за снимање на високо буџетни филмови, завршува Силдос.