Путин, неприкосновен владетел на Русија, во време на епидемијата има најнизок рејтинг во последните 10 години. Поддршката од 64% падна на 52%, што е рејтинг кој Путин го имал само на почетокот на неговата владетелска кариера откако го смени Борис Јелцин. Пред епидемијата, во февруари, според анкета на руската агенција ФОМ Путин имал рејтинг од 74% поддршка. Причина е состојбата во државата во време и после корона вирусот, економскиот пад, несигурноста на пензиите и заканите дека падот може да се претвори во економски и финансиски колапс.

Русија е меѓу земјите кои најдобро се справуваат со последиците од епидемијата кога е во прашање заштитата на човечките животи, има само 13 починати на милион жители. За споредба, Македонија има 44 починати на милион жители. Стравот доаѓа од причината што државата нема пари и ресурси да им помогне на граѓаните и фирмите сега кога фирмите се затвараат, а луѓето остануваат без раабота. Стравот премина во бес, социјалните мрежи се полни со гнев и обвинувања, порталите исто така. Телевизиите се под силна контрола на власта и таму засега е мирно. 

Доналд Трамп, шеф на најмоќната држава со најмногу заболени од корона вирусот, добил напад на бес кога неодамна се објавени рејтинзите на агенцијата Ипсос-Ројтерс. Според тие резултати се стопил неговиот рејтинг, сега демократскиот кандидат Џо Бајден води со 45% наспроти 39% поддршка за Трамп. Рејтингот на Трамп е особено паднат онаму каде има жаришта на корона вирусот. Во Њујорк, каде што се третина од сите заболени во САД, Џо Бајден води со 65% наспроти 29% за Трамп, според анкетите на Вол Стрит Џурнал и телевизијата НБЦ. САД имаат голем пад на вработеноста, во време на епидемијата останаа без работа околу 20 милиони луѓе или околу 14% од сите вработени во приватниот сектор на државата.

ВОА објави дека 51% од Американците не даваат подршка на Трамп за неговиот модел на справување со епидемијата. Протести во САД има насекаде, луѓето се противат на мерките за карантин, затварање на фабрики, трговски центри и угостителски објекти. Сметаат дека државата ги злоупотребува своите права, им нанесува штета со своите одлуки а нема никаква одговорност за последиците. Трамп вети помош за секој американски граѓанин од околу 1.500 долари, но тоа не ги штити нивните работни места.

Тоа е сеостојбата сега, во време кога епидемијата е на врвот или опаѓа, кога граѓаните се свесни и за економските последици кои се директно под контрола на државата и прифаќаа секакви државни мерки, за разлика од епидемијата која е фактор надвор од контрола. На почетокот на кризата, кога актуелна беше само здравствената закана, рејтинзите на политичарите од власта растеа бидејќи луѓето во институциите на власт гледаа спас и заштита за своето здравје. Власта преку медиумите ширеше паника и нудеше решенија, тука опозцијата немаше своја улога во решавање на стравот. 

Стравот сега прерасна во гнев. Граѓаните разбраа дека епидемијата и не е таква закана каква што политичарите на власт им прикажуваа, бројот на починати од корона вирус е помал од бројот на починати од сезонски грипови. Дека државата ја злоупотребува власта за зголемување на својата моќ и контрола врз своите граѓани и маргинализација на опозицијата. Патем, разбраа дека властите немаат модел и знаење да ги заштитат нивните слободи и права, да им дадат ефикасна здравствена заштита кога цели здравствени сектори колабираа без опрема и капацитети, а државата се расфрла со скапи службени возила, авиони, пари за нефункционални дејности.

Граѓаните дознаа дека плаќаат скапи даноци за власт која парите ги троши надвор од нивните потреби. Затоа стравот прерасна во гнев против власта, се нижат протести, затоа медиумите се повеќе пишуваат за лошо владеење, за корупција, за држење на јавноста во заблуда, за власт без одговорност.

Сега, кога се загрозени нивните работни места и егзистенција граѓаните ширум светот, пред се во најмоќните држави, бараат државата да ги решава нивните вистински проблеми особено откако токму таа, државата, им наметна услови на живеење, карантини и забрани поради кои милиони луѓе загубија работа и иднина за власта да си обебзеди мир и покорност на јавноста.

Среќа што Американците, Русите, Италијаните, Холанѓаните, Белгијанците… не живеат во Македонија. Таму ја нема нашата корупција, има барем некакви мерки и финансиска помош за компаниите и граѓаните, здравствениот систем е далеку поорганизиран од овој во Македонија. Кога би биле овде нивниот гнев против власта би прераснал во револуција, па на нивните телевизии би гледале извештаи за “македонска пролет.“