Борис Стојменов, во јавноста познат како бизнисмен, политичар и екс -министер за финансии очекува до крајот на овој месец да стане банкар. Барањето за трансформирање на неговата штедилница “МАК БС” во банка го има доставено до Народната банка на Македонија во мај годинава и очекува дека врвот на монетарната власт, конечно, ќе се изјасни позитивно деновиве. Битката да стане банкар Стојменов со НБРМ ја води веќе две години.
Случајот се влече уште од времето кога гувернер на НБРМ бил Љубе Трпески, кој, како што дознаваме, едноставно не сакал да одлучи по предметот, односно не се изјаснувал ниту позитивно ниту негативно, од само нему познати причини. По овој неуспешен обид ново барање е доставено пред седум месеци, но и овој пат нема одговор од Централната банка. Вчера, првиот човек на штедилницата Драган Пехчевски изјави дека преписката со НБРМ се уште трае и дека се надеваат од Нова година штедилницата, конечно, да прерасне во Банка со мало овластување.
“Ги исполнуваме сите услови пропишани со закон. Имаме капитален цензус од 3,5 милиони евра неопходен за добивање на ваква дозвола. По стапка на профитабилност, поврат на капитал и на актива во ист ранг сме со банките”, вели Пехчевски. Тој нагласи дека поради неможноста се уште да ја добијат дозволата од НБРМ за трансформација, не се во состојба да ја реализираат и намерата да се продадат на странски стратешки партнер. “Во сериозни преговори сме со “Рајфајзен банк”, која направи и длабинско снимање на штедилницата, а интерес да купат доминантен пакет-акции има и од една банка од Малезија и една од Швајцарија, додава Пехчевски.
Од НБРМ вчера не сакаа да дадат информација дали и кога “МАК БС” ќе ја добие дозволата за трансформација. Оттаму се само зачудени зошто “БС” одбра преку медиумите да го решава ова прашање кога во Централната банка има надлежни служби со кои секојдневно комуницираат.


Весна М. БОЖИНОВСКА