Македонија добива нова влада со криминални кадри оптоварени со по десетина афери, случаи на непотизам и сомнежи за корупција, смета ВМРО-ДПМНЕ.

Дафина Стојаноска од опозициската партија денеска на прес-конференција оцени дека следува тежок период за Македонија, бидејќи оние кои ја направиле државата рекордер по корупција, криминал и неуспеси во Европа сега повторно ќе раководат со институциите.

„На чело на Владата е Зоран Заев човек кој најмалку два пати е аболиран за криминал. Човек кој од просечно земјоделско семејство стана олигарх и транизициски профитер. Човек чие семејство поседува капитал во Македонија и Бугарија и со недвижен имот во Грција. Човек чие име и да нема крупна корупциска афера а да не се врзува директно со нејзе. Човекот кој е главата на рекетот, и кој беше директно прозван дека кај него завршиле парите од рекетот од 8 милиони евра. Заев кој го слушавме како нарачува пресуди, договара судии. Човек кој е заштитник на неправдата и човек чие име и презиме станува синоним за лаги и криминал“, рече Стојановска.

За Радмила Шекеринска, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека таа е транзициски и истрошен кадар на Социјалдемократскиот сојуз. Веруваат дека таа ќе остане запаметена по најскапата набавка на грејдери во министерството за одбрана. За Венко Филипче, кој и натаму ќе биде министер за здравство, Стојановска рече дека тој е директно одговорен за фијаското во справување со корона кризата и продолжил да тера бизниси и додека пациентите биле заразувани.

За Никола Димитров, кој ќе биде министер за европски интеграции, велат дека тој ги донел сите национални порази и не може да биде европската иднина на земјата.  Стојановска на прес-конференција го спомена Спасовски за кого рече дека е срам за македонската полиција.

Според ВМРО-ДПМНЕ, давањето на секторот финансии и економија на ДУИ и измислувањето на функција заменик премиер ќе биде само бледо оправдување за неуспесите на новата влада и Зоран Заев.

На крајот, таа додаде дека ова е владин состав со најмала застапеност на жените со што се нарушува и родовата еднаквост.

извор: Makfax