Народната банка на Македонија ќе се повлече од девизниот пазар. Од есен се планира купопродажбата на девизи на девизниот пазар да ја вршат неколку банки поддржувачи, а Централната банка уште до крајот на годината ќе продолжи секојдневно да котира куповни и продажни курсеви кон банките поддржувачи. Од јануари идната година, според зацртаната динамика, централната монетарна власт на девизниот пазар ќе интервенира по потреба при појава на вишок или недостиг на девизи во функција на одржување на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото.
Ова е новината што се планира во работењето на девизниот пазар во земјава, за која подготовките финишираат деновиве. НБРМ кон крајот на јули испрати нацрт договор до три банки во земјава да ја преземат улогата на тргувачи на девизниот пазар. Како што дознаваме, позитивен одговор до Централната банка веќе испратиле Комерцијална банка и Стопанска банка -Скопје, а неделава ваков чекор ќе направи и Тутунска банка. Наши извори велат дека кон троецот Стопанска-Комерцијална-Тутунска, најверојатно, ќе се приклучи и Охридска банка – Охрид, кои до крајот на месецов се планира да потпишат договор со НБРМ за вршење на улога банки-поддржувачи на девизниот пазар. По ова, велат од Народна банка, нејзините интервенции ќе се реализираат само преку овие банки. Тоа ќе важи и за преостанатите банки учеснички на девизниот пазар и нивните фирми коминтенти.
До сега тргувањето со девизи на девизниот пазар беше овозможено за сите банки во земјава кои имаат големо овластување (дозвола од НБРМ за работа со странство) и на Централната банка. На тој начин тие за свои дневни потреби, но и за потребите на фирмите нивни коминтенти купуваа и продаваа девизи на девизниот пазар. Со воведувањето на овој нов модел на функционирање на пазарот тргувањето ќе се одвива само преку овластените банки.
Идејата, велат одговорните е, овие три најголеми банки во земјава, чие учество сега на девизниот пазар е над 70 отсто, да почнат да тргуваат и меѓу себе со девизи, што до сега не било случај. Останатите банки нема да ја имаат привилегијата да тргуваат со НБРМ. Курсевите на пазарот ќе се формираат слободно со маргина од 0,07 денари за евро за банките поддржувачи за износи не помали од 350 илјади евра, додека за останатите банки оваа маргина ќе изнесува 0,25 денари за износи од најмалку 30 илјади евра.


Весна М. БОЖИНОВСКА