Стоковната куќа “Типо” во строгиот центар на Скопје, дефинитивно, оди на барабан. “Комерцијална банка”, која објектот го доби по основ на долговите што “Типо” ги имаше кон Банката, се премисли и наместо овој објект да го пренамени во деловен центар, реши да го продаде. За волја на вистината, објектот кој е на исклучително атрактивна локација, минатата пролет беше ставен на продажба. Но, иако бил мета на многу потенцијални купувачи, кои неофицијално се зборува нуделе дури и поголема сума само да го земат објектот во владение, во последен момент, тогашниот менаџмент се премислил и решил стоковната да не ја продава. Банката тогаш реши да го задржи објектот во своја сопственост и со него да стопанисува и во иднина, а според плановите, на тогашниот менаџмент на местото на “Типо” требаше да никне бизнис-центар со деловни простории на “Комерцијална банка”, луксузни ресторани и прес-центар. Наши извори велат дека смената на кормилото во Банката, ги смени и плановите. Старо-новиот генерален директор Хари Костов и неговиот тим, деновиве, повторно ја ставија на продажба Стоковната куќа “Типо”. Објектот е со почетна цена од околу 10,8 милиони евра, а предност при купувањето имаат оние купувачи кои ќе понудат плаќање во кеш. За десетина дена се очекува да биде познат исходот од продажбата, како и новиот сопственик на една од најпознатите стоковни во земјава.


Весна М. БОЖИНОВСКА