Во првите шест месеци од годинава ЈП „Комунална хигиена”-Скопје подигна и транспортира вкупно 74.578 тони комунален отпад од скопските домаќинства во урбаниот и во руралниот дел на градот.

Екипите на Претпријатието секој ден во неделата, во три смени, го преземаа отпадот од речиси 6.000 подземни и надземни контејнери поставени на територијата на Град Скопје, додека два пати во неделата се подигнуваше отпадот од 90.000 канти во индивидуалните домаќинства.

Како што информира ЈП „Комунална хигиена” – Скопје, вкупно 400 работници секојдневно беа ангажирани за рачно чистење и метење на јавните површини, додека централното градско подрачје и поголемите сообраќајници во сите скопски општини се одржуваа и со употреба на специјални комунални возила-метларки.

Во текот на првите шест месеци од годината беа отстранети 7.081 кубни метри отпад одложен на јавни површини, што претставува зголемување од над 52 отсто во однос на расчистените диви депонии во истиот период минатата година.

Со цел спречување на ширењето на вирусот КОВИД-19, ЈП „Комунална хигиена” – Скопје во овој период секојдневно спроведуваше машинско миење со автоцистерни и дезинфекција на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење и дезинфекција на плоштадот „Македонија”, плоштадот „Филип Втори”, улицата „Македонија”, Камениот мост, мостот „Гоце Делчев” и Старата скопска чаршија. Во повеќе наврати беше реализирано рачно миење и дезинфекција на целокупниот простор на Клиничкиот центар „Мајка Тереза”, додека континуирано се дезинфицираа и сите подземни и надземни контејнери, вклучително со нивните микролокации.

Директорот на „Комунална хигиена”- Скопје Абдусамед Шабани потсети дека по прогласувањето на светската пандемија на вирусот КОВИД-19, на почетокот на март 2020 година, претпријатието функционира со двојно зголемен обем на активности, спроведува голем број вонредни мерки и акции со цел на највисоко ниво да се одржи хигиената и чистотата на јавните површини во Скопје. 

– И во претстојниот период наш врвен приоритет ќе остане заштитата на јавното здравје, а нашите секојдневни активности ќе ги насочиме кон намалувањето на ризикот за проширување на вирусот КОВОД-19. Во таа насока, неодамна беше отворено и ново Одделение за грижа за корисниците, при што на граѓаните им ја понудивме можноста за онлајн плаќање на побарувањата за собирање и транспорт на комуналниот отпад, со цел полесен, побрз и побезбеден пристап до услугите од доменот на административното работење на претпријатието, изјави Шабани.