Стечајците ќе добиваат по 4.450 денари
Стечајците со над 25 години стаж ќе добиваат по 4.450 денари месечно. На вчерашната средба премиерот Владо Бучковски и претставници на Здружението на стечајни работници договорија Владата да им дава парична помош на стечајците, чии вкупни семејни приходи се под 7.800 денари. Стечајците на средбата побарале приходите, кои ги остварувале нивните деца да се изостават од пресметките. Надоместокот ќе го добиваат до ново вработување или промена на материјалната состојба. Портпаролот на Владата Сашо Чолаковски изјави дека надоместокот е третина од една просечна плата. “Буџетот овој товар може да го издржи”, рече Чолаковски. Претседателот на Здружението на стечајните работници, Стојан Стојанов, е оптимист дека во петок на повторната средба во Владата, конечно ќе се стави крај на агонијата на овие работници. “Задоволни сме што речиси сите стечајци со над 25 стаж се влезени во списоците”, рече Стојанов. Сите детали околу исплатата на надоместокот ќе се утврдат со Правилник што го подготвува Министерството за труд. Нејасно е со кој закон ќе се регулира исплатата на предвидениот надоместок за стечајците. Во петокот Владата ги донесе измените на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност. Пратениците, пак, повторно треба да ги разгледуваат измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Претседателот Црвенковски не го потпиша указот на овој закон на барање на Владата. (А.Се)