Жените во просек заработуваат 12,5 проценти помалку во однос на мажите, а и потешко се вработуваат на одредени работни места, потсетија вчера по повод 8 Март од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС). Оттаму бараат трудот да се вреднува подеднакво и да не постои полова дискриминација при вработувањето.

Но, родовиот јаз на работното место не е македонска ексклузива, туку светски проблем, а по повод Меѓународниот ден на жената, вчера го експонираше и статистичката канцеларија на Европската Унија – Евростат. Според податоците што ги објави, во земјите членки на ЕУ жените примаат во просек за 16,3 отсто помали плати од нивните машки колеги, а во некои држави тие се пониски и за над 20 проценти. Во 2015 година во поголемиот број земји членки на ЕУ, меѓу кои се и Бугарија, Летонија, Португалија, Словачка, Финска и Франција, платите на жените се за 15 до 20 проценти пониски од оние на мажите. Најмали разлики во платите од 5,5 проценти има во Луксембург и Италија, додека лични примања со најголема разлика во полза на мажите има во Естонија – 27 отсто, во Чешка, Австрија и Германија – по 22 проценти и во Велика Британија – 21 отсто. Земено во просек, тоа значи дека за секое едно евро што ќе го заработат мажите, нивните колешки за истата работа добиваат по 84 евроценти.

Нееднаквоста меѓу мажите и жените на пазарот на трудот во ЕУ не постои само во висината на платите, туку и во раководните позиции. Така, во 2015 година само една третина од менаџерите во ЕУ биле жени, иако припадничките на понежниот пол учествуваат со 43 отсто во вкупната работна сила. Ова е посебно видливо во секторите администрација, трговија и услуги каде што две третини од вработените се жени, но мнозинството шефови се мажи. За некои, сепак, и не е така лоша статистиката еден од три менаџери да е жена, но поразително е тоа што во ЕУ и жените на менаџерски позиции заработуваат 23,4 отсто помалку од мажите на истите позиции.
Разлики има и во стапката на вработеност меѓу мажите и жените.

Евростат сервира и податок според кој во земјите членки на ЕУ има проблеми и со балансот кај вработеноста на мажите и жените, Така, во Малта вработени се 80 проценти од мажите и само 50 отсто од жените, што значи дека разликата во стапката на вработеноста изнесува 30 проценти. Оваа разлика во Италија изнесува 20 отсто, а во Грција – 19 проценти. Најмала разлика во вработеноста меѓу мажите и жените има во Литванија и Финска од по околу три отсто и во Шведска од пет проценти.

Државниот завод за статистика, пак, открива дека во Македонија жените се поучени од мажите, или 58,6 отсто од вкупниот број магистри се жени. Најголемиот број вработени жени, или 95,5 проценти се ангажирани со полно работно време, а 76,3 отсто се во приватни фирми. Ако во ЕУ секоја трета жена, барем земено во просек, е менаџер, кај нас, според генералниот сектретар на Конфедерацијата на слободни синдикати Зоран Антовски, на лидерски позиции во фирмите се само 10 проценти или секоја десетта.

– Македонските компании при вработувањето треба да го ценат квалитетот и да водат сметка за способноста на лицето, а не да се водат од родовата нееднаквост. За жал, околу 10 проценти се жени на менаџерски позиции, а би требало овој број да биде поголем, вели тој.

Но, во Македонија има и такви, кои мислат дека работите се менуваат. Такво мислење има косопственичката на компанијата “Завар# и претседател на Македонската асоцијација на металната и елетро-индустрија Марта Наумовска-Грнарова, која смета дека предрасудите за жени-менаџери полека се надминуваат и лесно се кршат. Наумовска-Грнарова, како жена “на машки терен#, смета дека во металната индустрија, во која е ангажирана и таа, треба да има повеќе припанички на таканаречениот понежен пол.

– Се занимаваме со метална индустрија која воопшто не е типично женска. Во металната индустрија многу ретко има жени, што покажува дека тие не се доволно застапени во овој сектор. Секоја професија нуди различни убавини и начини за изразување. Притоа, разликите меѓу мажите и жените може позитивно да се искористат, вели таа.

Една друга жена, Даниела Јаневска од Секцијата на жени при КСС, алармира за несоодветната платеност на женскиот труд во Македонија, повикувајќи се на најновите статистички податоци.
– Според последните објавени податоци, жените заработуваат за 12,5 проценти помалку од мажите што значи дека на годишно ниво жената 33 дена во годината е неефективно платена. Платата треба да биде резултат на трудот, независно од полот, вели таа.

Статистичките податоци покажуваат дека во Македонија има 285.357 вработени и 85.041 невработени жени. Речиси една деценија Владата спроведува активни мерки на вработување, а особено последниве години програмите за вработување акцентот го ставаат на намалување на родовиот јаз.

– Во мерките за вработување што ги спроведуваме се внимава најмалку 30 отсто да бидат жени, иако овој процент во зависност од мерката и се надминува. Во периодот од 2007 до 2016 година, кај сите мерки и услуги за вработување имаме апликации од 51.651 жена, а од нив 22.544 се во работен однос. Учеството на жените во мерката самовработување е 35,8%, во мерката самовработување со кредитирање изнесува 33,3% и ова се показатели кои укажуваат дека претприемачкиот дух кај жената е на многу високо ниво, информира директорката на Центарот за вработување – Скопје, Слободанка Алексовска.

Ленка Угриноска, претседателка на здружението на жени – менаџери “Елит”, пак укажува на тоа дека ако има малку жени на менаџерски позиции, уште помалку ги има во управните и надзорните одбори.

– Кога се работи за застапеноста на жените во управните или во надзорните одбори, се уште сме далеку од европскиот просек. Во Македонија во управни и во надзорни органи има во просек околу 19 отсто жени, а целта во Европа е до 2020 година да има околу 40 проценти жени, открива таа.

Ваквата инфериорност на жените и покрај тоа што имаат повеќе дипломи од мажите,
се бара во недостигот на пари за да водат бизнис, немањето доволно информации за водење и менаџирање, како и во предизвикот да ги усогласат обврските во семејството и работата.

– Треба да се разбијат стереотипите кои постојат за да можат жените да одат напред и да се докажуваат со своите способности, да основаат свои компании и да бидат менаџери и управители, вели претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.

На постоење на тие стереотипи укажува и Савка Тодорова од Националниот совет за родова рамноправност, која вели дека се уште има предрасуди при определба на професии за жените, кои се и пониско вреднувани, а жените и во старт имаат поинаков третман од општеството во однос на мажите.

– На пример, има предрасуди дека имотноправните односи не ги добиваат подеднакво со браќата, појаснува таа.