Стенд бајот на “визирање” пред Бордот на ММФ
Бордот на директорите на Меѓународниот монетарен фонд, на 31 август, во Вашингтон, се очекува да го одобри аранжманот што македонската Влада го договори со мисијата на Фондот пред летните одмори. Ако се тече според планот, аранжманот ќе биде парафиран, а со тоа веднаш ќе станат оперативни и првите средства од новиот стенд бај во износ од 10 милиони специјални права на влечење. Аранжманот е во вкупна вредност од 25 милиони долари, а ако се остварат планираните проекции на приходната страна на буџетот, од предвидените три транши ќе биде повлечена само првата.
“Целта на програмата е да се обезбеди соодветно ниво на девизни резерви и финансирање на државата без дополнително повлекување на пари од Фондот. Доколку се случат планираните приватизации, од тој момент ќе биде претпазлив аранжман без повлекување средства, туку само заеднички усогласени политики”, вели министерот за финансии Никола Поповски.
Македонија по едногодишна пауза, конечно, го доби новиот тригодишен претпазлив стенд бај аранжман кој ќе опфати четири фискални години. Во аранжманот е договорена стапката на инфлација за годинава од 1,2 проценти, наредната -1,5 а до 2008 година околу два отсто. Стапката на раст за годинава, според аранжманот, е проектирана на 3,7 проценти, в година – четири и во наредните три години 4,5 проценти. “Ако тоа го оствариме, а мислам дека сме на добар пат да го направиме тоа, тогаш треба да очекуваме до 2010 година да имаме континуиран раст”, вели Поповски и смета дека во наредните неколку години ќе може да се подигне вкупното ниво на БДП за најмалку 30 проценти, кое ќе создаде подобрување во економијата. Програмата треба да ја стабилизира стапката на раст и да ги подобри перформансите на вработување. Структурните реформи кои се поддржани со аранжманот се во четири области – здравството, судството, пазарот на работна сила и бизнис-климата, а со неа се предвидуваат и новини во фискалната и монетарната политика кои значат подобрување на буџетската потрошувачка.
Весна М. БОЖИНОВСКА