Дрвјата се половина живот, така велат старите, но сепак поговорката не важи за сите. Доколку се премногу стари, може да претставуваат и опасност за граѓаните доколку поминуваат во близина. Неодамна дрво старо повеќе од 50 години, високо неколку метри, падна во дворот на градинката што се наоѓа во скопската населба Автокоманда и за среќа не повредило никого. Ова е само едно од повеќето дрва кои поради староста практично се струполија во изминатиот период пред се кога имаше посилни ветрови. Инцидентот во Автокоманда се случи околу пладне. Очевидците на случката раскажуваат дека дрвото за миг паднало и веднаш истрчале да се уверат дека нема никој повреден, а потоа веднаш асистирала и екипа од ЈП Паркови и зеленилоо која го исекла старото дрвото.
– Седевме спроти градинката, односно пред зградата во која живееме и единствено што видовме е дека се струполи дрвото. Веднаш се приближивме да се увериме дека нема некој повреден, бидејќи децата од сите околни згради си играат тука, но фала богу никој од нив не беше во близина, ни кажа Игор А. од Автокоманда.

Тој посочи дека службата Паркови и зеленилоо брзо интервенирала по падот на дрвото.
Жителите на оваа населба раскажуваат дека имаат многу големи сенки од дрвјата кои ја задржуваат ладовината во топлите денови, но сепак големи дел од нив биле многу стари и би требало да се отстранат.
– Речиси во ниту една друга скопска населба нема сенки како во нашата, но, сепак, мислам дека треба повеќе да се обрне внимание на дрвјата кои се во поодминати години и веднаш да ги сечат, за да не се случи некоја несреќа, велат жителите од улицата Јани Лукровски”.

Како едно од решенијата за избегнување на случаите кога дрвјата паѓаат и притоа претставуваат опасност а по некогаш и оштетуваат приватен имот е воведувањето на зелен катастар. Во него сите садници би имале свој регистарски број во кој би биле наведени сите основни информации за растението како старост, дебелина на стеблото и латинско име.
– За жал, се уште нема катастар за зеленило ниту пак има катастар за подземни инсталации. Овој катастар е тесно поврзан со Законот за зеленило, а доколку тој се донесе, исто како што тоа се случува во европските и светските метрополи, секое засадено дрво би имало регистарски број. Сите садници кои ни доаѓаат од увоз се буквално со еден регистар на самата садница на кој е наведена година на производство, латинско име на растението, дебелина на стеблото и сите основни податоци. Ако појдете во Белград, ќе видите дека сите новозасадени дрвца се нумерирани, а податоците си стојат на самото дрво. Тоа кај нас би одело многу тешко, затоа што ние во нашето работење се сочуваме со голем број кражби, изјави директорот на “Паркови и зеленило”, Душан Авировиќ.

(С.Тр.)