Вујадин Станојковиќ го призна првиот пораз на клупата на Вардар, но за првпат го “прегази” дадениот збор и говореше за неправдите и тортурата доживеана од судиите: “Не го оспорувам триумфот на Беласица. Постигнатите голови беа регуларни и немам никакви замерки на домаќинот. Сакам да се задржам на судиската четворка на чело со Љубомир Крстевски. Ме интересира зошто го сецкаше натпреварот и зошто секој контакт го карактеризираше како фаул против Вардар? Зошто не им делеше картони на играчите на Беласица за симулирање и глумење пенал? Зошто го поништи голот и не реагираше на физичкиот напад на помошниот судија од помошниот тренер на домаќините?” Во продолжени шефот на Стручниот штаб го постави и најгорливото прашање: “Зошто Крстевски на Таневски му рекол: Немој да се буниш, Управата го продаде мечот? Тоа беше намерно направено за да се деконцентрираат и демотивираат моите играчи. По мечот заедно со Таневски отидовме кај Крстевски, а тој демантираше дека кажал нешто такво, но наместо Управата спомнуваше купени играчи, по што си заминав од соблекувалната. Се додека јас сум тренер, Вардар никогаш нема да се купи или да продаде некој натпревар.” На крајот, Станојковиќ разочарано констатираше дека со вакво судење и со ваков развој на првенството, во кое многу кола пред крајот се знае кој ќе игра во Европа, а кој ќе испадне од лигата, нема никакви шанси да се зголеми бројот на публиката, квалитетот на натпреварувањето, а со тоа не може да се очекува ни силна репрезентација.


Ристевски најави кривична пријава за судијата
– По мечот со Победа, Крстевски го окарактеризиравме како непријател на Вардар. По една и пол година Комесарот за делегирање на судии, Ангел Бунгуров го одреди да ја дели правдата во Струмица. Тоа е направено тенденциозно и по нарачка, затоа што Беласица најмногу се бунеше за судењето на последниот Одбор на прволигашите. Му верувам на Таневски, а не Крстевски. Во записникот запишавме без забелешка, но решивме да пријавиме до Судскиот совет. Перверзија е што во тоа тело се наоѓа таткото на судијата и уште отсега знаеме дека Љубомир нема да биде казнет. За ова ќе го известиме ФФМ, претседателот Хари Хаџи-Ристески и ќе поднесеме кривична пријава, – изјави потпретседателот на Вардар, Борче Ристевски. (С.Д.)