Кошаркарите на Ф. Работнички ослабени, уште во неделата, отпатуваа во Софија каде што попладнево, во рамките на второто коло од ФИБА Евро купот – група “А” ќе играат против домаќинот, актуелниот вицешампион на Бугарија, ЦСКА. Тоа ќе биде прв од трите натпревари во низа на кои скопјани ќе гостуваат и ако судиме според она што го прикажаа во вторникот, против Киев во Скопје, имаат минимални шанси да сторат нешто повеќе. Згора на се “шпедитерите” останаа потенки под кошевите бидејќи центарот, искусниот Станковиќ, поради истегнати лигаменти на раката остана во Скопје, а на негово место отпатува младиот Кочов. За вредностите на противникот, кој во првото коло, на гости, загуби од Нимбурк (84:81), зборуваат и податоците дека тимот е составен од искусни играчи (просечната старост е 28 години, н.з.) со просечна височина од 198,7 см. Крилото Дезмонт Фергусон е најзвучно име во тимот, има НБА искуство, а лани настапуваше во Шпанија. Тука се уште бекот Бозов, крилото Вичентиќ и центарот Гарнет, обично со најголема минутажа. Уште еден интересен податок е врзан за денешниот меч: на двете клупи ќе седат актуелните селектори на националните сениорски репрезентации Росен Барчовски и Јорданчо Давитков. (С.Т.)