Денес имам чест да ја најавам кампањата ЗА ФЕР ИЗБОРИ, ПРИЈАВИ ПРИТИСОК со која се охрабруваат вработените во јавниот сектор, да пријават секаков вид на заплашување, притисок и поткуп на нивниот глас за предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 12 април 2020 година, изјави на прес конференција дополнителниот заменик-министер за информатичко општество и администрација Невенка Стаменковска – Стојковски.

Таа истакна дека вработените во јавниот сектор се слободни граѓани и како такви треба да го остварат своето право на глас.

„Довербата од граѓаните кои ми пишуваат секојдневно, ќе ја искористам за да помогнам и допринесам за фер изборен процес и во таа насока, во следниов период ја најавувам кампањата која ќе ја започнам во општините во Република Македонија со цел да ја подигнам јавната свест за професионална и деполитизирана администрација која не трпи притисок, заплашување и поткуп.“, вели Стаменковска

Таа потенцираше дека од следната недела започнува со неколку посети по општините, најпрво со посета во Општина Штип и потоа со Крива Паланка, Свети Николе и Битола.

„Понатаму за сите овие активности деталната агенда за местото на одржување на овие средби како и времето ќе бидете дополнително известени.  Ги повикувам сите граѓани, институции и вработени во јавниот сектор, да ни се придружат и да ја поддржат кампањата за „Фер избори, пријави притисок“  ги охрабрувам и сите оние кои што на било каков начин досега биле заплашувани, им се вршел притисок, од било кој аспект, а се дел од јавната и државна администрација, да дојдат и да не посетат на овие настани кои што ќе ги организираме во општините низ Република Македонија.“ изјави Стаменковска.