Обидот на градоначалникот на Општина Лозово да ги спречи вработените во јавниот сектор да пријават притисок е само потврда на сето она што го пишуваат за него како политичар, работодавец, но и како човек, вели дополнителниот заменик министер Невенка Стаменковска Стојковска.

„Сакам да ја известам јавноста дека денес преку допис добив одговор од градоначалникот на СДСМ од Лозово со кој ме известува дека тој не дозволува вработените слободно да можат да пријават притисок во простории на општината на настанот „Отворен ден со граѓаните“ кој е предвиден да се одржи утре од 14:30 до 15:30 часот. На овој начин, функционерите на СДСМ најдиректно порачуваат дека се против начелото за избори без притисок врз вработените во јавната администрација, а градоначалникот покажува дека сите пишувања во медиумите не се без основа“, истакна Стаменковска.

Таа додава дека нема да дозволи злоупотреби на администрацијата и нема компромис на одржувањето на слободни, фер и демократски избори.

„Ќе потсетам дека законот е јасен и дека секој кој ќе се дрзне врши притисок и заплашување на гласачите ќе одговара со казна затвор од три до пет години“, вели Стаменковска.

извор: Makfax