Владата и понатаму ќе остане активна во делот на разгледување и носење на евентуални нови мерки и анализи што може да се направи доколку и натаму има притисок во однос на инфлацијата, најави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
– Ние остануваме активни и отворени за секакви нови мерки, при што во сите ситуации мора да се води сметка и за одржливоста на Буџетот и буџетската рамка во која приходите од делот на ДДВ и акцизи се најзначајни. Мерките за заштита на граѓаните и на стопанството во делот на ценовните зголемувања ги носиме сукцесивно зависно од тоа каде е најургентно и колку се можностите да се интервенира, истакна вицепремиерот Ставрески.

Панатаму, вицепремиерот посочува дека Владата спровела неколку мерки во делот на интервенцијата со пченицата, интервенцијата во насока на намалување на царината за некои прехранбени производи и како последна најзначајна мерка со која е интервенирано го посочи намалувањето на акцизите за намалување на цената на бензините и дизел-горивата.
Прашан дали се размислува и за намалување на ДДВ-то за горивата, вицепремиерот Ставрески рече дека не може однапред да се прејудуцира, бидејќи цените на нафтата зависат и од политичките случувања во Северна Африка и од општите состојби во светската економија, односно колкава ќе биде побарувачката зависно од степенот на раст на светската економија.
Владата во средата донесе одлука за намалување на акцизата на безоловниот бензин за четири денари за литар и на дизел-горивото за два денара за литар. Истовремено беше намален и надоместокот за задолжителна резерва на нафта за половна денар.

Во согласност со одлуката на Владата Регулаторната комисија за енергетика од петокот за 5,5 денари по литар ги намали малопродажните цени на бензините, а за 2,5, односно половина денар и на дизел горивата.