ССМ го дава Дојчин, ама не го дава СОНК
Координативното тело при ССМ за зачувување на целовитоста на СОНК го обвинува првиот човек на синдикатот на вработените во образованието, науката и културата, Дојчин Цветановски дека со закани го задржува членството кај себе и не му дозволува да се изјасни дали сака да остане во Сојузот. Како што велат од ова тело, Цветановски се служел со лаги и притисоци врз членството со цел да го опструира координативното тело кое прави анализи за да се утврди точниот број на луѓето кои сакаат да останат во ССМ и потоа, со нив да формираат нови органи на гранковиот СОНК.
Координативното тело тврди дека одлуката за издвојување на СОНК од ССМ била изведена нелегитимно, без да биде информирано членството и во време кога просветните работници беа на одмори. -“Бараме членството да се изјасни, но не за личност, односно дали е за Цветановски или за Муратовски, туку за организација. На оние што ќе се изјаснат дека се за со Цветановски нека им е со среќа, а СОНК како гранков синдикат на ССМ ќе продолжи да функционира и понатаму со колкав било број на членови”, велат од Координативното тело, од каде го повикуваат Цветановски да ги напушти канцелариите во Работничкиот дом, каде што се сместени сите гранкови синдикати на ССМ, затоа што СОНК донел одлука да си замине од Сојузот.
Тврдењата дека вршел притисок кај членството да не се изјаснува во кој синдикат сака да остане, за лидерот на СОНК се обвинувања без основа, бидејќи одлуката за отцепување од ССМ ја донел највисокиот орган на СОНК, а за тоа гласале и членовите на Координативното тело кои сега излегуваат со неосновани обвинувања. Од друга страна, вели Цветановски, не држи тезата дека членството не било информирано, кога неколку дена пред отцепувањето од Сојузот, самиот Совет на ССМ најавил дека ќе ги исклучат.
Цветановски најави дека неговиот синдикат и натаму ќе ги користи просториите во ССМ, бидејќи, како што вели “зградата не е на Муратовски” и дека станува збор за зграда изградена од парите на работниците.
Светлана БЛАЖЕВСКА