Од туристичкото биро велат дека преку сервисот букинг веќе биле закупени голем дел од капацитетите. Резервациите се претежно од српски гости, но не е мала бројката и на домашни туристи кои и ова лето ги очекува збогатена понуда со голем број нови содржини.

,,Конечно е вратен животот во езерото, односно водата во езерото, она што му недостасуваше на Дојран и сега имаме многу подобри услови за уредување на плажи и услови за нудење на туристички пакети. Исто така за тие што не биле поодамна во Дојран ќе бидат пречекани од една нова три километарска пешачка и велосипедска рекреативна патека помеѓу Нов и Стар Дојран.

Колку дозволува просторот се обидуваме да ги реконструираме и уредиме плажите иако годинава ќе бидат со помал обем, меѓутоа се обидуваме да создадеме една добра понуда за пречек на големиот број на гости кој се очекува#, вели Борче Стамов, градоначалник на општина Дојран.

Збогатените содржини во делот на инфраструктурата оваа година нема да бидат единствената новина во Дојран. Во рамки на манифестацијата “Дојран град на културата” туристите ги очекува и богата културно-забавна програма со околу стотина различни настани меѓу кои и концерти на домашни и странски ѕвезди, театарски претстави, изложби, ликовни колонии и фестивали.

“Надвор од самото крајбрежје главен настан ни е Дојран град на културата. За летово ќе имаме голем број културни, уметнички и забавни настани и веруваме дека самите тие настани ќе бидат доста интересни и атрактивни да се посетат и веруваме дека посетеноста на овие настани ќе биде голема”, вели Стамов.

Дојран ќе биде еден од дваесетте градови во државата кој ова лето ќе добие и фитнес-зона на отворено, проект кој пред неколку дена беше најавен од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Изградбата се очекува да започне наскоро, а неговата реализација ќе значи понуда плус за сите спортисти и рекреативци.