Облечена во бела креација, нежна како срна, прелиена со посебен сјај на лицето, сигурна во себе и во своите вокални способности, Александра Пилева прексиноќа пред “Дал мет фу” ги пречека гостите за нејзиниот првиот албум “Сонце и месечина”. Немаше естраден новинар кој не дојде, многу колеги, бројни обожаватели, гордата мајка, нејзиното момче… За сите нив Александра во живо ги изведе “Пак се раѓам”, “Нема утеха” (победничката на “Макфест 2004”) и “Сонце и месечина” од македонската Евровизија, што многумина ги потикна фигуративно да прашаат “каде и се колешките Верица Ристевска и Маја Оџаклиевска?” Александра пее. И точка! Освен со песна, ги поздрави присутните со по некој збор, велејќи дека и се исполни сонот да има албум. Композиторот на славеничката, Дарко Димитров се потсети дека пред неколку месеци ја прашал: “Сакаш да одиме на Евровизија, или во Франција и Германија да снимиме албум за европски пазар? Во тој момент не одговорила, оставила нештата сами по себе да и го дадат вистинскиот одговор. За Александра позборува и нејзинот менаџер Иво Јанковски, а потоа со “скопско” и “кока кола” се почестија: Дадар, Петар Ѓошев, Туна, Дарко Тасев, Адријан Гаџа, Сања Николиќ, семејството Димитрови, Роберт Билбилов, девојките од “Синтезис”, Леонора Пољоска, бизнисмените и директори од повеќе силни фирми, евровизиските фанови ОГАЕ, сите на број, нејзините колеги од продукцијата од М2, со кои по забавата се дружеа во супер атмосфера во клубот “Вега” до три часот. Па! На потег е публиката. Албумот со девет песни е во продажба. Цената е 350 денари. Останува да видиме дали добиените над 50.000 гласови за песната “Сонце и месечина” ќе се пренесат и на полето “исто толку продадени албуми”. (Ва.Ѓ.- А. Н.) Фото: Влатко Перковски