Сред бел ден завчера спроти новото Министерство за надворешни работи на уличката која води кон црквата Света Пресвета Богородица група од три момчиња ги начекуваа граѓаните и им се закануваа со пиштол. Според очевидците на настанот, момчињата кои биле на возраст од околу 25 години стоеле од едната и од другата страна на улицата. Кога ќе наидел некој граѓанин едниот му вперувал пиштол, а другиот ќе му ги фател рацете од зад грб.

Сведок на настанот била Ивана К. која преплашена од ситуацијата во која се нашла раскажува како таа и уште една жена требало да поминат покрај овие момчиња и откај црквата Света Пресвета Богородица да се упатат кон автобуската постојка. Инцидентото се случувал во најголемата гужва околу 16:30 часот кога администрацијата завршува со работното време.

– Одев по мостот кај Холидеј ин, се враќав од работа и само што требаше да свртам од мостот лево по уличката видов некоја чудна ситуација. Кога погледнав поубаво видов три момчиња распоредени на три страни, двајца од двете страни на уличката. Од другата страна по патеката откај црквата Пресвета Богородица доаѓаше еден дечко, тогаш едно од момчињата му впери пиштол сив по боја. Тој се обиде да побегне, но тројцата го фатија. Што понатаму се случуваше со дечкото не видов бидејќи забрзано се упатив надолу по улицата, посочува таа.

Ивана вели дека истото го направила и уште една жена која за да ја избегне ситуацијата исплашено продолжила понатаму и откај адвокатската уличка двете заминале кон автобуска. Се обидела да запре полициски автомобил да ги информира за момчињата, но како што вели Ивана може не ја виделе, па не и застанале.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека ваков инцидент не е пријавен до нив.

– Кога граѓаните ќе се најдат во ваква ситуација ги охрабруваме веднаш да го пријават случајот на телефонскиот број 192 или пак да отидат до најблиската полициска станица да пријават, истакнуваат од МВР.

Граѓаните велат дека им се зголемува чувство дека криминалците земаат се поголем замав и не бираат кога и во која ситуација ќе нападнат граѓани, дали тоа ќе биде пред зграда, на улица. Најчесто им одземаат пари и повредни работи како мобилни и златни ланчиња. (С.М.)