Среде вонредна состојба Охриѓани ги затекна сеча на цел дрворед со јасени на булеварот „Туристичка“.  Исечени се здрави дрвја кои со години растеа на булеварот и кои правеа голема сенка особено во летниот период кога тоа е навистина најпотребно.

Сечата на дрворедот се протнува низ реконструкцијата на тротоарите на булеварот, за што Охриѓани велат дека општината Охрид постапува нетранспарентно, самоволно и без консултација со стручната и поширока јавност, а вонредната состојба се искористува за да нема соодветни реакции во јавноста.

Според „Охрид СОС“  сето ова се прави без никакво известување зошто, врз основа на какви аргументи комисијата дала одобрение за сеча, само една реченица дека „освен асфалтирање, поплочување и поставување на нови рабници, планирана е замена на стариот дрворед со нови соодветни садници“.

И додека ги палмите ги исекоа затоа што наводно не биле автохтони за Охрид и Македонија, овие исечени дрвја ќе биле заменети со нови садници од врстата Liriodendron tulipifera, автохтона за Северна Америка, што се коси и со препораките на УНЕСКО каде стои дека автохтоната вегетација мора да биде заштитена.