Србија досега има евидентирано 5.690 заразени лица со коронавирус, 110 умрени и 534 излекувани лица, јави дописникот на МИА од Белград.

Во изминативе 24 часа регистрирани се седум нови смртни случаи, петмина мажи и две жени, со што вкупниот број на починати се зголеми на 110 лица, (76 мажи и 34 жени) со смртност во однос на заразените од 1,93 отсто, изјави на владината прес конференција епидемиологот Предраг Кон.

Во изминатите 24 часа, тестирани се 3.094 лица, од кои бројот на позитивни на вирусот за првпат после три дена денеска е под 400 случаи, или 372 лица, со што вкупно во Србија 5.690 лица имаат Ковид 19.

Вкупниот број тестирни лица заклучно со денеска изнесува 32.566 лица, а досега се излекувани 534 пациенти, откако двапати покажале негативен наод.

Во Ковид болниците вкупно се хоспитализирани 3.765 пациенти, од кои 122 лица се со влошена клиничка слика и ставени се на респиратор, кажа Кон.

Од 6.567 здравствени работници во Србија, со вирусот се заразени 616 лица, од кои 382 лица се хоспитализирани, а за 954 медицински лица се чекаат резултати, со што Србија според бројот на заразени здравстени лица е прва во регионот.

Во карантин за полесните случаи на епидемијата, на Белградскиот саем сместени се 390 лица, во Ниш во спортскатa сала Чаир и хотелот Ценротурист има 296 лица, а во Студенскиот дом 217 лица, на Новосадскиот саем има 188 пациенти, додека останатите пациенти со лесна клиничка слика сместени се во бањите и хотелите во Србија.

Како што соопшти епидемиологот Кон во установите за социјална заштита и старечките домови, вкупно 312 лица и 70 вработени се позитивни на вирусот.

Одговарајќи на новинарски прашања доставени прему маил, меѓу кои зошто и покрај ригидните мерки, како што е престојната 84 часовна забрана за движење Србија во регионот има најголем број на заразени со Ковид 19, епидемиологот Кон кажа дека тоа е поради различната методологија на тестирање.

-Тоа се должи поради различната методологија на тестирање и зголемениот број на тестирани. Но таквите споредби не се прават поради тоа што не ја даваат вистинската слика. Единствената споредба со регионот која може да се направи е според бројот на починати лица на 100.000 жители.

Денес во изјава за медиумите Предраг Кон кажа дека вирусот ја губи силата и дека после 1 мај во Србија може да се очекуваат „некои круцијални одлуки.“

Претседателот Александар Вучиќ на својот инстаграм профил порача дека „Србија почнала со производство на лекот хлорокин за лечење на Ковид 19 во Галеника“, а премиерката Ана Брнабиќ најави дека од денес за првпат ќе почне да се употребува плазма во лекувањето и дека почнува национална кампања за донирање на плазма.

Во пресрет на велингденските празници, српскиот патријарх Иринеј порача дека СПЦ ќе ги почитува препораките на струката околу одбележувањето на овој христијански празник.

Од денес во Србија, со почеток во 17 часот почнува 84 часовниот полицијски час, кој ќе трае се до вторник во 5 часот.