Премиерите на Србија и на Албанија, Александар Вучиќ и Еди Рама во телевизиската емисија „Опкружување” се согласија за многу прашања, пред се оние кои се однесуваат на иднината на двете земји и подобар живот за граѓаните, а ставовите им останаа целосно различни кога е во прашање Косово, иако и околу тоа имаа согласност дека никогаш да имаат исто мислење.

Гостувањето на двајцата премиери во емисијата снимена во Виена за време на Самитот за Западен Балкан минатата недела, го пополни и Горан Свилановиќ, како генерален секратар на Советот за регионална соработка, пренесува Фена.

Вучиќ и Рама порачаа дека несогласувањето на двете држави по прашањето за Косово не смее да ги оневозможува дијалогот и соработката, оценувајќи дека односите меѓу Србија и Албанија не се најголем проблем на Балканот.

Вучиќ смета дека најтешко балканско прашање е Босна и Херцеговина.

– Мислам дека БиХ ќе биде најголем проблем и не се радувам поради тоа. Ние имаме одлични односи со БиХ, ја сакаме Република Српска, но се плашам и сметам дека сум во право, истакна српскиот премиер.

Свилановиќ, исто така, оцени дека функционалноста на БиХ е голем проблем.

– Косово има барем рамка за решавање на проблемот, а тоа е Бриселскиот дијалог, а во случајот со БиХ ниту тоа не постои, нагласи Свилановиќ.