Стефан Војниќ (27) од Белград, кој во моментов се наоѓа во најопасниот град во светот Вухан којшто веќе неколку дена е во карантин поради порајавата на коронавирусот, за српската агенција „Танјуг“ вели дека не стравува од зараза бидејќи се придржува до сите правила, но сепак, едвај чека да се врати дома.

Вухан го опишува како „град без луѓе“, каде затворени се сите видови на јавен превоз од автобусите, метроата и аеродромите. Во дел од маркетите полиците се празни, но има доволно намирници за сите.

„Нема паника, барем јас не ја забележувам“, истакнува тој за „Танјуг“ и наведува дека сите се придржуваат до правилата – носат маски на улиците, избегнуваат контакт со луѓе и со животни, но и редовно ги мијат рацете.

Меѓутоа, вели, иако состојбата е мирна и без паника, во воздухот се чувствува непријатна тензија бидејќи се работи за во моментов најголемата епидемија во светот.

„Строго се придржувам до правилата, но не чувствувам некој страв од заразата. Тешко и дека можам да се заразам бидејќи не доаѓам во контакт со други луѓе, одам во продавници, се враќам назад во собата и времето го минувам во затворен простор“, го опишува својот ден Стефан.

Тој исто така посочува дека во медиумите се шират некои лажни вести, како што е тоа што вирусот се пренесува преку очите, или дека луѓето паѓаат на улиците заради коронавирусот.

Стефан дошол во Вухан во септември минатата година да студира, а планирал да се врати во Белград на 6 февруари, за што купил билет.

Сепак, неговото враќање засега e неизвесно.

„Бидејќи градот е целосно блокиран, дури и околните градови, па дури и целата оваа провинција, јас сега сум во контакт со српската амбасада за да видам дали можам некако да ја напуштам покраината и да летам од друг град“, рече Стефан за Танјуг.

Според информациите, српските власти стапиле во контакт со петорица српски државјани кои живеат во моментов во Вухан и сите се здрави. Тројца од нив изразиле подготвеност да бидат евакуирани.

извор: Makfax