Марјан Србиновски, кошаркар ветеран во редовите на Маврово, влезе во клубот на великаните. Исклучително мотивиран, со “лепак” на прстите ја скротуваше топката и упатуваше во кошот на Поло Трејд. Постигна неверојатни 52 поена од кои имаше реализација 16-10 за тројка. Тој е главниот виновник што струмичани практично ја загубија трката за четвртото место на табелата што води во разигрувањето за титулата. Актуелниот шампион Ф. Работнички и по третпат годинава беше подобар од МЗТ Скопје 2000. Заслужено победи, го освои посакуваниот прв поен во случај пак да се сретнат, овојпат во полуфиналето или финалето од плеј офот. По подолго време атмосферата во салата “Јане Сандански” личеше на кошаркарска, потсетувајќи не на старите добри времиња, иако актерите доста грешеа во нападот и одбраната. Некои беа во “офсајд”, како на пример Хаџивасилев, кој многу сакаше да се докаже против своите, но остана со куси ракави. И оние што сакаа да пушат во салата го загубија приборот за “работа” уште при влезот во салата. Дури и новинарите. Екипата на ФОН забележа “историска” победа против Вардар О. и сега е чекор до четвртото место и разигрувањето за титулата. За радоста се погрижија најискусните Петровски и Цаноски, иако во последните три минути скопјани сериозно се заканија. Малку кој можеше да претпостави дека во плеј аут лигата ќе биде вистинска мешаница. Дури може да се случи и неверојатното, четирите екипи да ги завршат настапите со идентичен број бодови и на крајот дигитронот да реши кои две ќе се преселат во понизок ранг на натпреварување.


фото: Д.Андоновски Славчо ТРОШАНОВСКИ