САЛАТА КАЈ СТУДЕНТСКИОТ ДОМ “СТИВ НАУМОВ” ОСТАВЕНА ВО ЗАБОРАВ

Спортската сала во кругот на студентскиот дом “Стив Наумов” во Автокоманда наликува на се, само не на место каде што треба да спортуваат младите. Започната да се гради пред повеќе од една деценија и покриена, овој објект со години е претворен во живеалиште за бездомници, внатрешност која наликува на депонија, непријатна реа што се шири од насобраното ѓубре, но и засолниште на наркозависниците. Освен што не наликува на спортски објект, тој им влева и страв на студентите кои секојдневно поминуваат покрај него и не знаат кој се може да излезе од таму и да им наштети. На терен уште при самото влегување во салата не полазија морници, ја осетивме смрдеата од која не можеше да се вдиши воздух, внатрешниот дел наликуваше на депонија, имаше купишта со ѓубре од кои се шират зарази, фрлена стара облека, градежен отпад, остатоци од храна, шприцеви… тоа беше само дел од она што можеше да се најде таму.

Студентите кои престојуваат во студентскиот дом “Стив Наумов” велат дека тука доаѓаат Роми кои остануваа да живеат подолг период, а потенцираат дека чести се и наркозависниците кои доаѓаат за да се скријат од очите на јавноста.
– Доаѓаат цели семејства Роми, остануваат и тука живеат одреден период. Во објектот внесуваат се што ќе најдат од контејнерите и улиците, па може да се забележи дека хигиената е на многу ниско ниво и се плашиме од зарази заради ѓубрето што го носат тука. Летно време кога е многу топло, смрдеата се шири па ја чуствуваме и во нашите соби. Се надеваме дека ќе се преземе нешто со овој објект, убаво би било и за нас студентите спортската сала да се догради, вели Ангел Г., кој живее во студенскиот дом. Тој додава дека многу често во зградата доаѓаат и наркозависници, бидејќи тука можат да се скријат од очите на јавноста.

Изграден одамна, овој објект беше предвидено да биде спортска сала која нестрпливо ја чекаат и студентите од домот, но остана во заборав. Иако салата била во крајна фаза од изградбата, преостанувало да се постави уште паркет, прозорци, спортски реквизити и уште некои пропратни работи за да може да биде во функција, од непознати причини изградбата била прекината и до ден-денес зградата се наоѓа во руинирана состојба.

Од општината Гази Баба посочуваат дека општината нема надлежности за изградбата на спортскиот објект, бидејќи зградата ја градела Агенцијата за млади и спорт. Иако, во повеќе наврати се обидовме да добиеме одговор од Агенцијата за млади и спорт ниту еднаш не бевме удостоени да добиеме одговор што се случува со спортската сала и дали конечно ќе се изгради и ќе биде во функција. (С.Тр.)

Трајановски ќе го повика инвеститорот да ја доврши салата
Прашањето во врска со оваа зграда која е претворена во живеалиште за бездомни лица беше покренато и на советничките прашања на Град Скопје. На прашањето, во чија надлежност е спортската сала и дали ќе биде довршена истата, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски потврди дека овој проблем постоел и во периодот кога тој бил градоначалник на општина Гази Баба.
– Со оглед на тоа што таа беше правена преку Агенцијата за спорт и млади и беше дадена на концесија, управување или сопственост на некоја приватна компанија, во прво време таа компанија ни беше непозната, но сега се знае која е и таа ќе биде повикана од општината Гази Баба да биде довршена, рече Трајановски.