Специјалниот трибунал за Либан не најде докази дека раководството на Хезболах било вмешано во убиството на поранешниот либански премиер Рафик Харири, рече судијата Дејвид Ре денеска, пренесува ТАСС.

„Судскиот совет е на ставот дека Сирија и Хезболах можеби имале мотиви да ги елиминираат Харири и неговите политички сојузници, но нема докази дека раководството на Хезболах е вмешано во убиството на Харири и нема директен доказ за директна вмешаност на Сирија “, рече тој.

Судот, исто така, дошол до заклучок дека терористичкиот напад го извршил бомбаш-самоубиец, чиј идентитет не може да се утврди. Се очекува пресудата да создаде дополнителни политички тензии во земјата, која веќе врие од незадоволство и протести против актуелната политика и корумпираните политичари.

Рафик Баха ел Дин ал Харири беше либански магнат и премиер на Либан од 1992- 1998 година и повторно од 2000 година до својата оставка во 2004 година. Во овој период, Харири беше на чло на пет влади.

Харири доминираше во повоениот политички и економски живот во Либан и често му ги припишуваат заслугите за обновата на Бејрут по петнаестогодишната граѓанска војна.

Харири беше убиен на 14 февруари 2005 година во детонација на бомба кога колоната со неговиот автомобил поминувала покрај хотелот „Сент Џорџ“ во Бејрут. За убиството беа обвинети наводните поддржувачи на Хезболах, но други го поврзуваа убиството со сириската влада.

Убиството на Харири беше катализатор за драматични политички промени во Либан. Масовните протести во текот на Кедарската револуција доведоа до повлекување на сириската војска и полиција од Либан и до промени во владата.

извор: Makfax