Спас или “гол” бизнис
Непосредните спогодби се легално средство и начин за привлекување на странски директни инвестиции, но не треба да се применуваат пречесто и по секоја цена. Непосредните спогодби не можат да бидат супститут на амбиентот за привлекување на странски инвеститори. Тие мора да се во рамки на законот, никако над него и да се максимално јавни и транспарентни. Ова е ставот на десетина експерти на темата непосредни спогодби, која вчера првпат стручно беше отворена на трибина од страна на Стопанската комора на Македонија, Центарот за економски анализи и неделникот “Капитал”.
Владата во суштина го води бизнисот во Македонија, вели професорот од Правниот факултет Борче Давитковски, преку регулаторни механизми и овозможува бизнисот да влезе во државата. Но тоа не може да го прави преку одлуки или заклучоци, туку преку транспарентна законска процедура. Сите македонски влади досега се однесувале според заклучоци, што не е правен документ. Едно е желба да донесеш инвеститор, рече Давитковски, друго е процедурата. Факт е дека постојат дискрециони права и дека некои министри во некои свои досегашни одлуки се кријат зад Владата онаму каде таа нема ингеренции, рече Давитковски. Според проф. Сашо Арсов од Економскиот факултет несфатливо е покрај толкав обем на работа, од каде им толку време на првите луѓе во Владата да учествуваат и водат преговори со странски инвеститори. Нејзино е да направи поволен амбиент за инвестирање за сите подеднакво и домашни и странски инвеститори и работата да ја препушти на агенциите специјално формирани за тоа.
Министерот за труд и социјална политика Стевчо Јакимовски е на гледиште дека државата некогаш навистина мора да се ангажира за да донесе големи брендови, односно реномирани странски инвеститори. Оние што сега ги критикуваат непосредните спогодби во изминатите години склучија 5.000 такви договори во четири очи и ги доведоа граѓаните во нерамноправна положба. Колку е нужна поддршката на државата Јакимовски илустрираше и со продажбата на 38 загубари во минатата година, за кои и покрај исчистените обврски не се заинтересира ниедно поголемо инвестиционо име.
Виолета ЦВЕТКОВСКА