ПРИЛЕП.- Стотина акционери-пензионери и работници со статус на технолошки вишок вчера одржаа четиричасовна средба со менаџерскиот тим на Тутунскиот комбинат и одговор на прашањата: каква е финансиската состојба, дали има потенцијални стратешки инвеститори, каква ќе биде иднината на Комбинатот и зошто се оттуѓуваат непрофитните делови.
Главниот извршен менаџер Тони Мицајков и неговите соработници признаа дека Тутунскиот комбинат има дологови, нема пари за откуп на тутунот и финансиската состојба е незавидна. Но, и покрај тоа, во преговори сме со двајца потенцијални инвеститори, го реализираме акциониот план за намалување на обврските за неплатени придонеси спрема Управата за приходи преку оттуѓување на непрофитни делови од комбинатот, ги намалуваме трошоците преку принуден одмор на дел на вработените на 80 отсто, преку укинување на работничката менза, рекле менаџерите на Комбинатот. “Имавме можност да продаваме делови од Тутунски, при што најатрактивна е фабриката за цигари, но наша цел е да ја зачуваме целовитоста на Комбинатот, со цел на Берзата да имаме подобра цена на нашите акции. “Тутунски” не е без иднина. Таа иднина би била поизвесна ако во Комбинатот влезе странски инвеститор. Неколкумина досега ја имаат “снимено” целокупната состојба на нашите капацитети, но одлуката дали и кога ќе не купат ја носат бордовите на компаниите, а не ние, истакна Мицајков. Акционерите-пензионери побараа одговор и за побарувањето на Тутунскиот комбинат од “Македонија табак”, со кои прилепската фабрика “останала покуса” за 18 милиони евра. Не сме се откажале од тие побарувања, истакна заменикот на генералниот менаџер по финансии, Бранко Арсоски. Акционерите предложиле парите од “Македонија табак”, државата да ги пренамени за откуп на тутунот од оваа и следната реколта. (А.Т.)