Техничкиот премиер Оливер Спасовски го прими во работна посета полковник Масимо Пани од Единицата за специјални операции Карабиниери која во нашата земја го спроведува твининг-проектот „Зајакнување на капацитетите за координација во спречувањето на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот“, поддржан од делегацијата на Европската Унија.

На средбата, на која присуствуваа и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, и директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Сашо Тасевски, полковник Пани се заблагодари за поддршката на Владата и на институциите од безбедносната сфера за досегашната поддршка за реализација на проектот и изрази очекување дека таа ќе продолжи и во наредната фаза на проектот кога ќе треба да се усогласат стандардните оперативни процедури меѓу институциите за успешно справување во борбата со тероризмот и насилниот екстремизам, согласно стандардите на Европската Унија.

Премиерот Спасовски на средбата истакна дека Владата на Република Северна Македонија ќе продолжи целосно и максимално да ја поддржува оваа активност, за која во претстојниот се очекува да биде усвоен акциски план за надградување на капацитетите на владините институции за ефикасно и ефективно координирање на сите агенции кои работат на полето на спротивставување и спречување насилен екстремизам и радикализација кои водат кон тероризам.

Тоа, освен на домашен план, рече премиерот Спасовски, ќе ја направи нашата земја сигурен и доверлив партнер на земјите членки на ЕУ и НАТО во спречувањето, заштитата, следењето и одговорите на предизвиците поврзани со спречувањето на насилниот екстремизам и борбата со тероризмот.

извор: Makfax