Во Министерството за внатрешни работи денеска се одржа средба помеѓу министерот Оливер Спасовски и бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов.

Како што информираат од ресорното министерство, на средбата било констатирано дека досегашната соработка и партнерството меѓу двете земји се во нагорна линија.

„Особено беше нагласена поддршката од Бугарија во процесите од голема важност за напредокот на Република Северна Македонија, како во текот на полноправното асоцирање во НАТО алијансата, така и околу отпочнувањето на пристапните преговори со ЕУ“, се наведува во соопштението.

Соговорниците, исто така, ја потенцирале и одличната соработка на владино и на институционално ниво, во контекст на актуелната пандемија на Ковид-19, особено во поглед на безбедното враќање на нашите државјани.

извор: Makfax