Ред, работа и дисциплина се трите збора со кои досегашниот министер за внатрешни работи и иден технички премиер Оливер Спасовски ја опиша работата во Министерството за внатрешни работи.

Спасовски на неговиот Фејсбук- профил објави видео во кое одговара на 30 куси прашања, а на прашањето кој му е омилен политичар од опозицијата го посочи Митко Јанчев. Најтешко во работата му било да го почитува протоколот и безбедносните мерки.

Од работата како прв човек на МВР најмногу е задоволен од безбедносните реформи, од реконструкцијата на 43 полициски објекти, од набавката на опрема и униформи за полициските службеници и од зголемувањето на платите.

Тајна што никој не ја знае за него е дека зборува ромски јазик, а на 18-годишниот Оливер би му дал совет: Биди чесен тоа никој не може да ги го земе.

Има повеќе мерки кои ги презела оваа Влада на кои е горд, но го издвои решавањето на проблемот со стечајците. Нешто што би сакал, а не успеал да го оствари како министер за внатрешни работи е сите полициски станици да ги направи енергетски ефикасни.

Најдобра реплика од филм му е: I’ll be back, „Време за големи нешта“ е насловот што би го дал, ако неговиот живот биде филм, а најмногу ужива во друштвото со  неговите ќерки.