Бројките ни покажуваат дека имаме мал број на заразени возразни лица кои се најризична категорија за кои може да кажеме дека се заштитени токму поради досегашните мерки. Во последните три дена има последователно повеќе оздравени од новозаразени граѓани на Република Северна Македонија.

Ова денеска на онлајн прес-конференција го истакна премиерот Оливер Спасовски појаснуваќи ги новодонесените мерки на Владата, меѓу кои и намалување на полицискиот час, кои тој и министрите поладнево ги објавија на социјалните мрежи по завршувањето на седницата.

-На денешннат сендница на Владата врз основа на анализите и препораките на Комисијата за заразни болести при Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство донесовме повеќе уредби за зајакнување на мерките или мерки на претпазливост, а паралелно донесовме одлуки за некои од рестритикнивте мерки со кои ограничувањата ќе се намалат, појасни Спасовски.

Премиерот рече дека може да се каже дека мерките даваа ефект, дека се здражува ниско кривата на новозаболени, а пак бројките покажуваат дека стратегијата е добра и дека има континуирано линеарен број на новозаболени во рамките на предвиденото кој го следи и бројот на оздравени.

Тој нагласи дека намалувањето на рестриктивните мерки никако не смее да значи опуштање и неодговорно однесување туку дека треба да се зголеми личната одговорност.

– При секое излегување надвор строго да се придржуваме до мерките за лична заштита, да носиме заштита за лицето, односно носот и устата – маска, марама или шал, да држиме физичка дистанца од два метра и да не се групираме затоа што само така го штитиме сопственото и јавното здравје, истакна Спасовски.

Физичката прекривка на носот и устата кај сите граѓани ќе овозможи прекин на преносот на вирусот. Повеќето заболени од коронавирусот, информираше премиерот, заболуваат преку вдишување на капки со вирусот издишани или искашлани од некој во непосредна близина.

-Физичката прекривка на носот и устата ќе го спречи тоа. Оваа мерка ќе важи за територијата на целата држава и ќе почне да се применува од утре, четврток, 23 април, појасни Спасовски.

Според новите мерки, заштитната опрема задолжително треба да се носи во сите затворени јавни места каде што има повеќе лица како маркети, продавници, банки, пошти, здравствени установи, како и при користење на јавен превоз. На отворено заштитна опрема задолжително се носи на пазари и на отворени простори каде нема можност да се одржува физичката дистанца од два метра до другите лица во близина. На отворено заштитна опрема не се носи само ако се престојува во дворот, или терасата од сопствените домови, на велосипед, при спортување на отворено или во патничко возило со лица со кои живеете во заедница или домаќинства.

-Задолжителна е изолација после тестирање. Тоа значи дека сите домашни и странски физички лица без оглед на тоа дали имаат симптоми или не после тестирањето влегуваат во задолжително самоизолирање се до добивање на резултатот од тестот. Оваа мерка е утврдена со Уредба со законска сила која влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник“ на РСМ, а ќе се применува до крајот на пандемијата КОВИД 19 прогласена од СЗО, информираше Спасовски.

Премиерот апелираше мерките да се почитуваат и нагласи дека намерата на Владата не е да казнува, туку да се подигне свесна и индивидуалната одговорност. Според него новите мерки водат кон стабилизација и кон дефинирањето на нови околности во кои животот ќе продолжи.